1ⓥОд каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли — од вашите похоти, кои се борат во органите ваши?
2Пожелувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате, а немате, бидејќи не се молите.
3ⓦПросите, а не добивате, зашто зло барате, за да го трошите во вашите похоти.
4ⓧПрељубодејци и прељубодејки, не знаете ли дека пријателството со овој свет е непријателство на Бога? Зашто, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога.
5ⓨИли, пак, мислите дека Писмото напразно зборува: „Со ревност го љуби духот што го вселил во нас.“
6ⓩНо Тој дава поголема благодат; затоа е речено: „Бог се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“
7ⓐПа затоа, покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас.
8ⓑПриближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас; исчистете ги рацете, грешници, поправете ги срцата свои, непостојани!
9Бидете нажалени и плачете и липајте: смевот ваш нека се претвори во плач, а радоста во тага!
10ⓒПонизете се пред Господ и ќе ве подигне!
11Не озборувајте се еден со друг, браќа: зашто, кој го озборува братот свој или го суди, тој го напаѓа Законот и го суди Законот. А ако, пак, го судиш Законот, тогаш ти не си извршител на Законот, туку судија.
12ⓓЕден е Законодавецот и Судијата, Кој може да спаси и погуби: а ти, кој си што осудуваш друг?
13ⓔСлушајте сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе тргнеме во оној град и таму ќе останеме една година, ќе тргуваме и ќе спечалиме“,
14вие, кои не знаете што ќе стане утре. Што е вашиот живот? Тој е пареа, која се појавува за кратко време, па исчезнува.
15ⓕМесто да велите: „Ако сака Господ да бидеме живи, ќе направиме тоа и тоа.“
16А сега се фалите со својата гордост. Секоја таква фалба е зла.
17ⓖИ така, грев е за оној кој знае да прави добро, а не го прави.