Јован 1:1-51 MKDB2006 - Bible AI

1Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог.

2Тоа во почетокот беше во Бога.

3Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана.

4Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето.

5Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати.

6Имаше еден човек по име Јован, ис­пратен од Бога;

7тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат пре­ку него.

8Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината.

9Беше Вистинска Светлина, Ко­ја го осветлува секој човек, што доа­ѓа­ше во светов.

10Во светот беше и светот преку Него постана, но светот не Го позна.

11Дојде кај Своите, но Своите не Го примија.

12А на сите што Го примија — на сите што веруваа во Неговото име — им даде моќ да станат чеда Божји;

13кои не по крв, ни по желба на телото, ни од похот машка, туку од Бога се родија.

14И Словото стана тело и се всели ме­ѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот.

15Јован сведочеше за Него и велеше зборувајќи: „Ова е Тој за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, Тој е пред мене, бидејќи постоеше порано од мене!“

16И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат;

17зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината произлегоа од Исус Христос.

18Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот — Тој Го објави.

19И тоа е сведоштвото на Јован, кога Јудејците испратија од Ерусалим свеш­теници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“

20Тој призна и не одрече, туку објави: „Не сум јас Христос.“

21И го прашаа: „Кој си, тогаш? Илија ли си ти?“ Одговори: „Не сум.“ „Про­рок ли си?“ И одговори: „Не.“

22А тие му рекоа: „Па кој си, за да мо­жеме да им одговориме на оние што нѐ испратија; Што велиш за себеси?“

23Тој рече: „Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го Гос­по­довиот пат, како што вели пророкот Исаија.“

24А испратените беа од фарисеите;

25и го запрашаа велејќи: „Зошто тогаш крштаваш, кога не си Христос, ни Илија, ниту пророк?“

26Јован им одговори и рече: „Јас крш­тавам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате.

27Тој е Оној што иде по мене, Кој бе­ше пред мене, и Кому јас не сум досто­ен да Му ги одврзам ремењата од обув­ките Негови.“

28Ова се случи во Витанија, отаде Јордан, каде што крштаваше Јован.

29На другиот ден Го виде Јован Исус како доаѓа кај него и рече: „Еве Го Јаг­нето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!

30Овој е, за Кого реков: по мене иде Човек, Кој пред мене беше, бидејќи пос­тоеше пред мене.

31Јас не Го познавав, но дојдов да крштавам со вода, за Тој да му биде објавен на Израел.“

32И сведочеше Јован, велејќи: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана над Него.

33Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштавам со вода, ми рече: ‚Врз Кого ќе видиш дека слегува Духот и дека останува над Него, Тој е Оној што ќе крштава со Дух Свети.‘

34И јас видов и посведочив дека Овој е Божјиот Син.“

35А на другиот ден, пак, стоеше Јован и двајца од неговите ученици.

36И штом Го виде Исус како оди, ре­че: „Еве Го Јагнето Божјо!“

37Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исус.

38А Исус, кога се сврте и виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?“ Тие Му одговорија: „Рави (што значи — Учителе), каде живееш?“

39Им рече: „Дојдете и видете!“ Тие отидоа и видоа каде живее и останаа тој ден кај Него. Беше околу десеттиот час[1].

40А еден од двајцата, што беа чуле за Исус и беа тргнале по Него, беше Андреј братот на Симон Петар.

41Тој прво го најде брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месијата, што значи: Христос[2].“

42И го одведе кај Исус. А Исус го погледна и му рече: „Ти си Симон, си­нот на Јован; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар[3].“

43На другиот ден Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филип, па му рече: „Тргни по Мене!“

44И Филип беше од Витсаида, од градот на Андреј и Петар.

45Филип го најде Натанаил и му рече: „Го најдовме Исус, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот и Пророците!“

46А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ Филип му одговори: „Дојди и види!“

47Исус, пак, кога го виде Натанаил како доаѓа кај Него, рече: „Еве вистински Израелец, во кого нема лукавство!“

48Натанаил Му рече: „Од каде ме поз­наваш?“ Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.“

49Му одговори Натанаил и рече: „Ра­ви! Ти си Син Божји, Ти си Царот на Израел!“

50А Исус, одговарајќи, му кажа: „Да­ли веруваш, бидејќи ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш повеќе од ова.“

51И пак рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото от­во­рено и ангелите Божји како се иска­чу­ваат и слегуваат над Синот Човечки.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>