Јован 10:1-42 MKDB2006 - Bible AI

1„Вистина, вистина ви велам: кој не влегува низ вратата во овчото трло, а прескокнува од друга страна, крадец е и разбојник;

2а кој влегува низ вратата, пастир е на овците;

3нему вратарот му отвора и овците го слушаат гласот негов, тој ги вика свои­те овци по име и ги изведува.

4И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, овците одат по него, бидејќи го познаваат гласот негов;

5а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, зашто гласот на туѓиот не го познаваат.“

6Оваа парабола им ја кажа Исус, но тие не разбраа што сакаше да им каже со неа.

7Тогаш Исус пак им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас сум вратата за ов­ците.

8Сите, колку што дојдоа пред Мене, крадци се и разбојници; но овците не ги послушаа.

9Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе из­ле­зе, и пасиште ќе најде.

10Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие.

11Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага својата душа за ов­ците;

12а наемникот, кој не е пастир и не е сопственик на овците, ако види дека до­аѓа волк, ги остава овците и бега; и вол­кот ги разграбува и ги распрснува ов­ци­те.

13Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците.

14Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене.

15Како Мене што Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и ду­ша­та Своја ја полагам за овците Свои.

16И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир.

17Затоа Ме љуби Отецот, зашто Јас животот Свој си го полагам за да го примам пак.

18Никој не Ми го одзема, туку Јас Сам од Себе го давам. Имам власт да го дадам и власт имам пак да си го земам. Оваа заповед ја примив од Својот Отец.“

19И пак настана расправија меѓу Ју­дејците заради овие зборови.

20Мнозина од нив велеа: „Зол дух има и не е при Себе. Зошто Го слушате?“

21Други велеа: „Ова не се зборови на луд човек; може ли луд човек на слеп да му отвори очи?“

22А беше тогаш во Ерусалим праз­ни­кот Обновување на храмот и беше зима.

23Одеше Исус во храмот, по тремот Соломонов.

24А Јудејците Го опколија и Му ре­коа: „До кога ќе ги мачиш нашите ду­ши? Ако си Ти Христос, кажи ни от­во­рено!“

25Исус им одговори: „Ви реков, и не верувате. Делата што ги вршам Јас во името на Мојот Отец, тие сведочат за Мене.

26Но вие не верувате, бидејќи не сте од Моите овци, како што ви реков.

27Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене,

28и Јас ќе им дадам вечен живот; и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги истргне од раката Моја.

29Мојот Отец, што Ми ги даде, е по­голем од сите; и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Отец.

30Јас и Отецот сме едно.“

31А Јудејците, пак, зедоа камења да Го убијат.

32Исус им одговори: „Многу добри дела ви јавив од Мојот Отец; за кое од тие дела фрлате камења на Мене?“

33Му одговорија Јудејците, велејќи: „За добро дело камења не фрламе на Тебе, туку за хулење, зашто Ти, иако си човек, се правиш Бог.“

34Исус им одговори: „Не е ли на­пи­шано во вашиот Закон: ‚Јас реков: бого­ви сте?‘

35Ако Тој ги нарече богови оние кон кои беше упатено словото Божјо, а писмото не може да се урне,

36а на Оној ли, Кого Го освети Оте­цот и Го прати во светот, вие велите: ‚Хулиш на Бога?‘ дека реков: ‚Јас сум Син Божји?‘

37Ако не ги вршам делата на Мојот Отец, не верувајте Ми;

38а ако, пак, ги вршам, макар што Мене не Ми верувате, на делата Мои поверувајте, за да разберете и поверува­те дека Отецот е во Мене и Јас сум во Него.“

39Сакаа пак да Го фатат, но Тој им се истргна од рацете нивни,

40и пак отиде отаде Јордан, на она место каде што Јован крштаваше, и ос­тана таму.

41Мнозина дојдоа кај Него и говореа: „Јован не направи ниедно чудо, но сѐ што рече Јован за Него, беше вистина.“

42И мнозина таму поверуваа во Него.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>