Јован 12:1-50 MKDB2006 - Bible AI

1На шест дни пред Пасха дојде Исус во Витанија, каде што беше умрениот Лазар, кого го воскресна од мртвите.

2Таму Му приготвија вечера и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата.

3А Марија зеде литар чисто скапоце­но миро, ги помаза нозете Исусови и ги избриша со косата своја нозете Негови; а куќата се исполни со мирис од мирото.

4Еден од учениците Негови, Јуда Си­монов Искариот, кој подоцна Го пре­даде, рече:

5„Зошто не се продаде ова миро за триста денарии, и тоа да се раздадеше на сиромаси?“

6Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она што пуштаа во него.

7А Исус рече: „Оставете ја! Таа го за­пази тоа за денот на Мојот погреб;

8зашто сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.“

9Мнозина од Јудејците разбраа дека Исус е таму, па дојдоа не само заради Исус, туку да го видат и Лазар, кого Тој го воскресна од мртвите.

10А првосвештениците се договорија да го убијат и Лазар,

11зашто мнозина од Јудејците се из­дво­јуваа поради него и веруваа во Исус.

12На другиот ден, мноштво народ, кој беше дошол на празникот, кога чуја дека Исус доаѓа во Ерусалим,

13зедоа палмови гранчиња и излегоа да Го пречекаат; и викаа, велејќи: „Оса­на![10] Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израелов!“

14А Исус, откако најде едно, седна на него, како што е на­пи­шано:

15„Не плаши се, ќерко, Сионова! Еве, Царот твој иде, седејќи на магаре.“

16Но ова учениците Негови не го раз­браа. А кога се прослави Исус, тогаш се сетија дека тоа беше напишано за Него и дека тие Му го направија тоа.

17Народот, што беше со Него кога Тој го извика Лазар од гробот и го вос­кресна од мртвите, сведочеше.

18Затоа и Го пречека народот, зашто беше чул дека тоа чудо го направи Тој.

19А фарисеите си велеа меѓу себе: „Гледате ли дека ништо не помага? Ете, светот тргна по Него!“

20Меѓу дојдените за празникот на поклонение имаше и некои Елини.

21Тие пристапија кон Филип, кој беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, ве­лејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исус.“

22Дојде Филип и му кажа на Андреј, а Андреј и Филип Му кажаа на Исус.

23Исус, пак, им одговори, велејќи: „Дојде часот да се прослави Синот Чо­вечки.

24Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре — ќе донесе голем плод.

25Кој го сака животот свој, ќе го загуби; а кој го мрази животот свој на овој свет, ќе го запази за вечен живот.

26Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.

27Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов за овој час.

28Оче, прослави го името Свое!“ То­гаш дојде глас од небото: „И Го прославив, и пак ќе Го прославам.“

29А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми!“, други, пак, ре­коа: „Ангел Му проговори!“

30Исус одговори и рече: „Овој глас не беше заради Мене, туку заради вас.

31Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор.

32И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Се­бе.“

33А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре.

34Народот Му одговори: „Сме слу­ша­ле од Законот дека Христос вечно ќе остане, а како Ти велиш дека Синот Чо­вечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?“

35Тогаш Христос им рече: „Уште малку време Светлината е со вас; одете додека има Светлина за да не ве опфати темнина; а кој оди по темнина, не знае каде оди.

36Додека ја имате Светлината, верувајте во светлината, за да бидете синови на Светлината!“ Штом го рече тоа, Исус си замина и се сокри од нив.

37Иако толку чудесни знаци беше на­правил пред нив, тие пак не веруваа во Него,

38за да се исполни словото од проро­кот Исаија, кој рече: „Господи, кој по­ве­рува во она што чул од нас? И раката Господова кому се откри?“

39Тие затоа не можеа да поверуваат, зашто Исаија уште вели:

40„Ги ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат, и да не се обратат за да ги излекувам.“

41Ова го рекол Исаија кога ја беше видел славата Негова и зборувал за Него.

42Но, и од началниците мнозина по­веруваа, само заради фарисеите не признаваа за да не бидат исклучени од синагогата;

43зашто им беше помила човечката слава отколку славата Божја.

44А Исус подигна глас и рече: „Кој верува во Мене, не верува во Мене, туку во Оној Кој Ме пратил,

45кој Ме гледа мене, Го гледа Оној Кој Ме пратил.

46Јас — Светлина — дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина.

47И ако некој ги чуе зборовите Мои, и не поверува, Јас нема да го судам, заш­то не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам.

48Кој се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го су­ди: Словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден.

49Зашто Јас Сам од Себе не зборувам, но Отецот, Кој Ме прати. Тој Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам.

50И знам дека заповедта Негова е жи­вот вечен. А она што го зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>