Јован 13:1-38 MKDB2006 - Bible AI

1А пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека Му дојде часот за да премине од овој свет кај Отецот, и би­дејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака.

2И на вечерата, кога ѓаволот беше вметнал во срцето на Јуда Симонов Ис­кариот за да Го предаде,

3Исус, знаејќи дека Отецот сѐ Му предал во рацете и дека од Бога излегол и дека кај Бога се враќа,

4стана од вечерата, ја соблече својата горна облека, зеде крпа и се препаша;

5потоа истури вода во сад за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со која беше препашан.

6Дојде и кај Симон Петар, а тој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?“

7Исус одговори и му рече: „Јас што правам сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.“

8Петар Му рече: „Никогаш Ти нема да ми ги миеш нозете!“ Исус му одгово­ри: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене!“

9Симон Петар Му рече: „Господи, то­гаш не само нозете мои, туку и рацете и главата!“

10Исус му одговори: „На измиениот треба само нозете да му се измијат, заш­то целиот е чист, а вие сте чисти, но не сите.“

11Бидејќи Тој знаеше кој ќе го пре­да­де, па затоа и рече: „Не сте сите чисти.“

12А кога им ги изми нозете, ја облече облеката и седна пак на трпезата, па им рече: „Знаете ли што ви направив?

13Вие Ме нарекувате Учител и Гос­под; и право велите, бидејќи сум.

14Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте дол­жни еден на друг да си ги миете нозете.

15Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас.

16Вистина, вистина ви велам: нема слуга поголем од својот господар, ниту пратеник поголем од оној што го пратил.

17Кога го знаете ова, блажени сте ако го извршувате.

18Не го кажувам ова за сите вас, зашто Јас ги знам оние што ги избрав. Но нека се исполни Писмото: ‚Кој јаде леб со Мене, ја подигна петата своја против Мене.‘

19Отсега ви кажувам, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да по­ве­рувате дека сум Јас.

20Вистина, вистина ви велам: кој го прими оној што го праќам Јас, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме прати.“

21Штом го рече ова, Исус, потресен во духот, посведочи и рече: „Вистина, вистина ви зборувам дека еден од вас ќе Ме предаде.“

22Тогаш учениците почнаа да се пог­леднуваат еден со друг, не разбирајќи за кого зборува.

23А еден од учениците, кого Исус го сакаше, беше се навалил на градите Исусови.

24Нему му даде знак Симон Петар да праша кој ли ќе е тој за кого што го­вори.

25Тој, пак, се навали на градите Ису­сови и Му рече: „Кој е Господи?“

26Исус одговори: „Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и ќе му го по­да­дам.“ И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариот.

27И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него. А Исус му рече: „Што ќе пра­виш, прави побргу!“

28А никој од оние што седеа на тр­пе­зата не разбраа зошто му го рече тоа.

29Но, бидејќи Јуда го чуваше ков­че­жето, некои помислија дека Исус му ре­че: „Купи што ни треба за празникот!“ или да раздаде нешто на сиромасите.

30А тој, штом го зеде залакот, веднаш излезе. А беше ноќ.

31Кога тој излезе, Исус рече: „Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прослави во Него.

32Ако Бог се прослави во Него, и Не­го Бог ќе Го прослави во Себе, и наскоро ќе Го прослави.

33Чеда, уште малку сум со вас. Ќе Ме барате и, како што им реков на Ју­деј­ци­те дека каде што одам Јас вие не може­те да дојдете, и вам ви велам сега.

34Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.

35По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу се­бе.“

36Симон Петар Му рече: „Господи, каде одиш?“ Исус му одговори: „Каде што Јас одам, ти не можеш сега да дој­деш по Мене, но подоцна ќе дојдеш по Мене.“

37Петар Му рече: „Господи, зошто не можам да одам по Тебе сега? Животот свој ќе го положам за Тебе.“

38Исус му одговори: „Животот ли ќе го положиш за Мене? Вистина, вистина ти велам: нема петел да запее, додека ти трипати не се одречеш од Мене!“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>