1ⓑИ штом го рече ова, Исус отиде со учениците Свои преку потокот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Тој и учениците Негови.
2А тоа место го знаеше и Јуда, кој сакаше да Го предаде, зашто Исус често се собираше со учениците Свои таму.
3ⓒТогаш Јуда, откако зеде една чета војници и слуги од првосвештениците и фарисеите, дојде таму со фенери, со светила и со оружје.
4ⓓА Исус, знаејќи сѐ што ќе стане со Него, излезе и им рече: „Кого барате?“
5ⓔМу одговорија: „Исус од Назарет!“ Исус им рече: „Јас сум.“ Со нив стоеше и Јуда, кој Го предаде.
6ⓕА кога им рече: „Јас сум“ — тие се повлекоа назад и паднаа на земјата.
7Тогаш пак ги праша: „Кого барате?“ А тие рекоа: „Исус од Назарет!“
8Исус одговори: „Ви реков дека сум Јас; па, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат;“
9ⓖза да се изврши словото кажано од Него: „Од оние што си Ми ги дал, никого не загубив.“
10ⓗА Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх.
11ⓘНо Исус му рече на Петар: „Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?“
12Тогаш четата и заповедникот, и слугите јудејски, Го фатија Исус и Го врзаа.
13ⓙИ Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник.
14ⓚА Кајафа беше оној што ги посоветува Јудејците дека подобро е да умре еден човек за народот.
15ⓛПо Исус одеше Симон Петар и еден друг ученик. Тој ученик му беше познат на првосвештеникот, па влезе со Исус во дворот на првосвештеникот.
16ⓜА Петар стоеше надвор, покрај портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, излезе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петар.
17ⓝТогаш слугинката вратарка му рече на Петар: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?“ Тој рече: „Не сум.“
18А слугите и стражарите беа запалиле оган и стоеја, па се грееја, зашто беше студено. Со нив стоеше и Петар и се грееше.
19Првосвештеникот, пак, Го праша Исус за учениците Негови и за Неговото учење.
20ⓞИсус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував по синагогите и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал.
21Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние кои слушале што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.“
22ⓟКога Тој го рече тоа, еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исус по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“
23ⓠИсус му одговори: „Ако реков нешто лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро — зошто Ме удираш?“
24ⓡТогаш Ана Го прати врзан кај првосвештеникот Кајафа.
25ⓢА Симон Петар стоеше и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од учениците Негови?“ Тој порекна и рече: „Не сум.“
26ⓣЕден од слугите на првосвештеникот, што му беше роднина на оној кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Нели те видов и тебе во градината со Него?“
27ⓤА Петар пак порекна; и веднаш запеа петел.
28ⓥИ Го поведоа Исус од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата.
29ⓦТогаш излезе Пилат пред нив и рече: „За што Го обвинувате Овој Човек?“
30Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“
31ⓧА Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“,
32ⓨза да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре.
33Тогаш Пилат влезе во судницата, па Го повика Исус и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?“
34Исус му одговори: „Сам ли го зборуваш тоа или други ти кажаа за Мене?“
35Пилат одговори: „Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?“
36ⓩИсус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.“
37ⓐА Пилат Му рече: „Ти, пак, Цар ли си?“ Исус одговори: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.“
38ⓑПилат Го праша: „Што е тоа вистина?“ И кога го рече ова, излезе пак кај Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него.
39Но кај вас е обичај да ви пуштам по еден за Пасха. Сакате ли да ви Го пуштам Царот Јудејски?“
40ⓒИ пак повикаа сите, велејќи: „Не Овој, туку Варава.“ Варава, пак, беше разбојник.