1ⓘВо првиот ден од седмицата Марија Магдалена дојде на гробот рано, уште додека беше темно, и виде дека каменот од гробот е поместен.
2ⓙТогаш отрча и дојде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го дигнале Господ од гробот и не знам каде Го положиле.“
3Тогаш излезе Петар и другиот ученик, и појдоа кон гробот.
4И обајцата трчаа заедно, но другиот ученик трчаше побргу од Петар и прв дојде до гробот.
5И кога се наведна, виде дека лежи само повојот; но не влезе.
6ⓚПо него дојде Симон Петар, влезе во гробот и виде дека само повојот стои;
7а крпата, што Му беше на главата негова, не стоеше кај повојот, туку одделно, свиткана на едно место.
8Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, и виде, и поверува,
9ⓛзашто уште не го знаеја Писмото дека Тој треба да воскресне од мртвите.
10Тогаш учениците се вратија дома.
11А Марија стоеше кај гробот однадвор и плачеше. И, плачејќи, се наведна над гробот;
12ⓜи виде два ангела во бели облеки како седат, едниот кај главата, а другиот кај нозете, каде што беше лежело телото Исусово.
13ⓝТие ѝ рекоа: „Жено, зошто плачеш?“ Им одговори: „Го кренале Господ мој и не знам каде Го положиле!“
14ⓞШтом го рече ова, се заврте назад и Го виде Исус како стои; но не знаеше дека е Исус.
15Исус ѝ рече: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?“ Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: „Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.“
16ⓟИсус ѝ рече: „Марија!“ Таа се заврти и Му рече: „Равуни“ — што значи: „Учителе!“
17ⓠИ рече Исус: „Не допирај се до Мене, зашто уште не сум се вратил кај Мојот Отец; туку отиди кај браќата Мои и кажи им: се враќам кај Својот Отец и вашиот Отец, кај Својот Бог и кај вашиот Бог.“
18Дојде Марија Магдалена и им кажа на учениците дека Го видела Господ и дека тоа ѝ рекол.
19ⓡА вечерта во истиот ден, првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: „Мир вам!“
20ⓢИ ова штом го рече, им ги покажа рацете и нозете и ребрата Свои. Се зарадуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа.
21ⓣА Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.“
22ⓤИ кога им го кажа ова, дувна и им рече: „Примете Дух Свети!
23ⓥНа кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат.“
24ⓦА Тома, еден од дванаесетте, наречен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус.
25ⓧДругите ученици му рекоа: „Го видовме Господа!“ А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам!“
26ⓨА по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана меѓу нив и рече: „Мир вам!“
27ⓩПотоа му рече на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, туку поверувај!“
28Одговори Тома и Му рече: „Господ мој и Бог мој!“
29ⓐИсус му рече: „Тома, ти поверува затоа што Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале.“
30ⓑИ многу други чуда изврши Исус пред учениците Свои, што не се запишани во оваа книга.
31ⓒА овие се запишани за да поверувате дека Исус е Христос, Синот Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име.