Јован 7:1-53 MKDB2006 - Bible AI

1Потоа одеше Исус по Галилеја, не сакаше да оди во Јудеја, зашто Јудејците сакаа да Го убијат.

2Се приближуваше, пак, јудејскиот празник Сеници.

3Тогаш браќата Негови Му рекоа: „Излези одовде и оди во Јудеја, та и учениците Твои да ги видат делата што ги вршиш.

4Зашто никој не прави нешто тајно кога сака да се прочуе. Ако Ти ги вр­шиш овие работи, тогаш покажи се пред светот!“

5Зашто и браќата Негови не веруваа во Него.

6А на тоа Исус им одговори: „Моето време уште не е дојдено, а за вас времето е секогаш погодно.

7Светов вас не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, зашто Јас сведочам за него дека делата му се лоши.

8Вие отидете на овој празник; Јас не­ма да излезам на празникот, зашто вре­мето Мое сѐ уште не се исполнило.“

9Откако го рече тоа, остана во Га­ли­леја.

10Но, штом отидоа браќата Негови, и Тој отиде на празникот, но не јавно, ту­ку скришум.

11А Јудејците Го бараа на празникот и велеа: „Каде е Оној?“

12И многу расправии имаше меѓу на­родот за Него; едни зборуваа: „Добар е“, а други велеа: „Не, туку го заблудува народот!“

13Но никој не зборуваше за Него от­ворено, поради страв од Јудејците.

14А на средината од празникот, влезе Исус во храмот и поучуваше.

15И се чудеа Јудејците, велејќи: „Ка­ко ги познава Овој Книгите, кога не учел?“

16Тогаш им одговори Исус и рече: „Учењето Мое не е Мое, туку на Оној што Ме прати;

17и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Самиот од Себе зборувам.

18Кој говори самиот од себе, тој си ба­ра своја слава; а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Тој е вистинит и во Него нема неправда.

19Зар не ви го даде Мојсеј Законот? Но никој од вас не го исполнува Зако­нот. Зошто сакате да Ме убиете?“

20Народот одговори и рече: „Демонот е во тебе? Кој сака да Те убие?“

21Одговори Исус и им рече: „Едно де­ло извршив и сите се чудите.

22Мојсеј ви го даде обрезанието, не затоа што тоа е од Мојсеј, туку од тат­ковците — и вие во саботен ден обрезува­те човек.

23Ако човек се обрезува во сабота, за да не се наруши Законот Мојсеев, на Мене ли се гневите што цел човек на­правив здрав во сабота?

24Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд!“

25Тогаш некои од Ерусалим рекоа: „Не ли е Овој што Го бараат да Го убијат?

26Ете, јавно говори и ништо не Му ве­лат. Да не се увериле и началниците дека е Тој навистина Христос?

27Но, Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос никој не ќе знае од ка­де е.“

28Тогаш Исус, поучувајќи во храмот, извика гласно и рече: „И Мене Ме познавате и знаете од каде сум; но Сам од Себе не дојдов, туку Тој што ме прати е Вистинитиот; Него вие не Го познавате.

29Јас, пак, Го знам, зашто сум од Не­го и Тој Ме прати.“

30Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не кладе рака на Него, бидејќи уште не беше дошол часот Негов.

31И мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, зар ќе направи поголеми чуда от­кол­ку што направи Овој?“

32Чуја фарисеите дека народот така зборува за Него, па тие и првосвеш­те­ниците испратија слуги да го фатат.

33Тогаш Исус им рече: „Уште малку време сум со вас, а потоа ќе отидам кај Оној Кој Ме прати.

34Ќе Ме барате и нема да Ме најдете; и каде што ќе бидам Јас, вие не ќе мо­жете да дојдете.“

35А Јудејците си рекоа меѓу себе: „Каде ќе оди Овој та да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при раселените меѓу Елините, па и Елините да ги поучува?

36Што значат овие зборови: ‚Ќе Ме барате и не ќе Ме најдете‘; и ‚Каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дој­де­те?‘“

37А во последниот голем ден од праз­никот застана Исус и извика со висок глас, велејќи: „Кој е жеден нека дојде кај Мене да пие!

38Кој верува во Мене од неговата ут­роба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода.“

39А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние кои веруваат во Не­го; зашто Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.

40А мнозина од народот, кога ги чуја овие зборови, рекоа: „Навистина Овој е пророк!“

41Други велеа: „Овој е Христос.“ А некои рекоа: „Зар од Галилеја ќе дојде Христос?

42Не е ли речено во Писмото дека Христос ќе дојде од семето Давидово и од гратчето Витлеем, од каде што беше Давид?“

43И така настана меѓу народот раздор за Него.

44А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него.

45Дојдоа, пак, слугите кај прво­свеш­тениците и фарисеите и овие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?“

46А слугите одговорија: „Никогаш човек не говорел така како Овој Чо­век.“

47Тогаш им одговорија фарисеите: „Да не се прелагавте и вие?

48Поверувал ли некој од властите и фарисеите во Него?

49Но, овој народ, што не го знае За­ко­нот, е проклет.“

50Никодим, пак, кој беше отишол кај Него ноќе, а беше еден од нив, им рече:

51„Осудува ли нашиот Закон човек додека најнапред не го сослушаат и не дознаат што прави?“

52А тие му одговорија и рекоа: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и ќе ви­диш дека пророк од Галилеја не се јавува!“

53И секој си отиде во својот дом.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>