1ⓛКога одеше, виде еден човек, слеп од раѓање.
2ⓜУчениците Негови Го прашаа и рекоа: „Рави, кој згрешил? — тој или родителите негови, та се родил слеп?“
3ⓝИсус им одговори: „Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него.
4ⓞЈас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; зашто настапува ноќ кога не ќе може никој да работи.
5ⓟДодека сум во светот, Јас сум Светлина на светот.“
6ⓠШтом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот,
7ⓡи му рече: „Отиди и измиј се во бањата Силоам!“, што значи: „Испратен.“ Тој отиде, се изми и дојде гледајќи.
8ⓢА соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: „Зар не е овој што седеше и питаше?“
9Едни велеа: „Тој е“, а други: „Личи на него.“ Тој, пак, зборуваше: „Јас сум.“
10Тогаш го прашаа: „Како ти се отворија очите?“
11Тој одговори и рече: „Еден Човек, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ‚Отиди во бањата Силоам и изми се!‘ Отидов, се измив и прогледав.“
12Пак го прашаа: „Каде е Тој?“ Тој рече: „Не знам.“
13ⓣТогаш го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп.
14ⓤА беше сабота кога направи Исус кал и му ги отвори очите.
15Го прашаа, пак, исто така и фарисеите: „Како прогледа?“ Тој им одговори: „Ми кладе кал на очите, се измив и сега гледам.“
16ⓥТогаш некои од фарисеите рекоа: „Не е од Бога Овој човек, штом не ја уважува саботата.“ Други рекоа: „Како може грешен човек да прави такви чуда?“ И настана расправија меѓу нив.
17ⓦПак му рекоа на слепиот: „Ти што велиш за оној што ти ги отвори очите?“ А тој рече: „Пророк е!“
18Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал додека не ги повикаа родителите на оној што прогледа,
19и ги прашаа: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?“
20Родителите негови одговорија и им рекоа: „Знаеме дека е овој наш син и дека се роди слеп;
21но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!“
22ⓧОва го рекоа неговите родители, бидејќи се плашеа од Јудејците; зашто Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој што ќе Го признае за Христос.
23Затоа и родителите негови рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!“
24ⓨТогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Оној Човек е грешен!“
25А тој одговори и рече: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.“
26Пак му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“
27Тој им одговори: „Јас веќе ви реков и не чувте; зошто сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?“
28ⓩА тие го укорија и му рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици!
29ⓐНие знаеме дека со Мојсеј говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.“
30Одговори човекот и им рече: „Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите!
31ⓑЗнаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша.
32Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден.
33ⓒИ ако Тој не беше од Бога, не ќе можеше да направи ништо.“
34ⓓОдговорија и му рекоа: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нѐ учиш?“ И го избркаа надвор.
35ⓔИсус чу дека го истерале, па го најде и му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?“
36Тој одговори и рече: „А кој е, Господи, па да поверувам во Него?“
37ⓕИсус му рече: „Си Го видел, токму Оној е кој зборува со тебе!“
38А тој рече: „Верувам, Господи!“ И Му се поклони.
39ⓖИ рече Исус: „За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи.“
40ⓗГо чуја тоа некои од фарисеите што беа со Него, и Му рекоа: „Зар и ние сме слепи?“
41ⓘИсус им рече: „Да бевте слепи, грев немаше да имате; а сега велите дека гледате, затоа и гревот ви останува.“