Јов 1:1-22 MKDB2006 - Bible AI

1Имаше еден човек во земјата Уц, по име Јов; тој човек беше непо­рочен, праведен, богобојазлив и го одбегнуваше злото.

2И му се родија седум синови и три ќерки.

3Имотот му беше: седум илјади си­тен добиток, три илјади камили, петстотини чифта волови, петстотини магарици и голем број слуги; и тој човек беше најпрочуен меѓу сите луѓе на Исток.

4Синовите негови се собираа и приредуваа гозби секој во домот свој, на својот ден, а ги покануваа и трите свои сестри да јадат и да пијат со нив.

5Кога завршуваа дните на гозбите, Јов ги повикуваше, та ги осветуваше. Станувајќи изутрина рано, принесуваше сепаленици за сите нив, зашто Јов си велеше: можеби синовите мои згре­шиле и Го навредиле Бога во срцето свое. Така постапуваше Јов во сите такви денови.

6Еден ден дојдоа синовите Божји да застанат пред Господ; со нив дојде и ѓаволот.

7И му рече Господ на ѓаволот: „Од каде дојде?“ А ѓаволот Му одговори на Господ и Му рече: „Одев по земјата и ја обиколив.“

8И Господ му рече на ѓаволот: „Обрна ли внимание на мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема друг како него: човек непорочен, праведен, богобојаз­лив и кој го одбегнува злото.“

9Му одговори ѓаволот на Господ и Му рече: „Зар попусто Јов е богобојаз­лив?

10Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сѐ што има тој? Ти ги благослови делата на рацете негови, а стадата негови се шират по земјата;

11но пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово, ќе Те благослови ли тогаш?“

12И му рече Господ на ѓаволот: „Еве, сѐ што е негово, е во твоја рака; само врз него не посегај!“ — И се оддалечи ѓаволот од Господ.

13Еден ден синовите и ќерките на Јов јадеа и пиеја вино во куќата на првородениот свој брат.

14И ете, дојде известувач кај Јов и му рече: „Воловите ораа и магариците пасеа покрај нив,

15кога Савејци ги нападнаа и ги оте­раа, а момоците со остар меч ги погубија; избегав само јас за да ти јавам.“

16Додека уште говореше, дојде друг и рече: „Оган Божји од небото падна, ги изгоре овците и момоците и ги голтна; и побегнав само јас, за да ти јавам.“

17Додека тој говореше, дојде трет, па рече: „Халдејци, наредени во три чети, нападнаа на камилите и ги отераа, а мо­моците со остар меч ги погубија; само јас избегав, за да ти јавам.“

18И додека тој уште говореше, се појави друг и рече: „Синовите и ќерки­те твои јадеа и пиеја вино во куќата на првородениот свој брат;

19ете, дувна силен ветар откај пустината и ги зафати четирите агли на ку­ќата; куќата се урна врз децата и тие умреа; се спасив само јас, за да ти јавам.“

20Тогаш Јов стана, ја раскина својата горна облека, ја острижа главата своја и падна на земја, па се поклони

21и рече: „Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ зеде. Нека е благословено името Господово!“

22Во сето тоа Јов не згреши и ништо неразумно не изрече за Бога.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006