Јов 10:1-22 MKDB2006 - Bible AI

1„Ѝ дотегна на душата моја животот мој; ќе се предадам на тагата своја; ќе говорам со горчината на душата своја.

2Ќе му речам на Господ: ‚Не обвинувај ме; кажи ми зошто се бориш со мене?

3Мило ли Ти е да ме измачуваш, да го презираш делото на рацете Свои, а намерите на нечесните да ги помагаш?

4Зар имаш телесни очи? Гледаш ли како што гледа човек?

5Зар Твоите дни се како дните на смртните, или Твоите години се како дните на човек?

6Зошто ја испитуваш вината моја и гревовите мои сакаш да ги откриеш,

7иако знаеш дека сум невин и дека нема кој да ме спаси од раката Твоја?

8Твоите раце ме создале и ме оформиле, и Ти сега од сите страни ме уништуваш?

9Сети се дека како глина си ме замешал, та пак ли во прав ќе ме пре­твориш?

10Нели Ти ме излеа како млеко, и ме згусти како сирење?

11Со кожа и плот ме облече, со коски и жили ме стегна,

12живот и милост ми дарува, и Тво­јата грижа го чуваше духот мој?

13Но и тоа во срцето Свое го криеше, знам дека тоа е во Тебе,

14дека, ако згрешам, Ти ќе забе­лежиш и нема да го оставиш гревот мој без казна.

15Ако сум виновен, тешко мене! Ако сум прав, не ќе смеам да кренам глава. Презаситен сум од срам, удавен во маката моја.

16Ако се исправам, како лав ме гониш, силата Своја на мене ја пока­жуваш.

17Обвинувања нови подигаш против мене; го засилуваш гневот Свој против мене; со нови сили се креваш против мене.

18И зошто ме изведе од утробата? Да бев умрел кога ничие око уште не ме беше видело;

19о, да бев пренесен од утробата во гроб, како да ме немало!

20Нели се малку деновите мои? Остави ме уште малку да се радувам,

21пред да појдам на пат без враќање — во земјата на темнината и смртната сенка,

22во земјата, каде што темнината царува над безредието, каде што зората е слична на најцрната ноќ.‘“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>