Јов 12:1-25 MKDB2006 - Bible AI

1Пак одговори Јов и рече:

2„Само вие ли сте луѓе, и со вас ли ќе исчезне мудроста!?

3И јас знам да мислам како вас; и во ништо не сум подолен од вас; и кој не го знае истото тоа?

4За потсмев станав јас на пријателот свој, јас што Го повикував Бога, и Кој ми одговараше, — за потсмев е — праведниот и непорочни­от човек.

5Презир заслужува несреќниот — такви се мислите на среќните, еве што се спрема за оние, чии нозе се сопнуваат.

6Спокојни се шаторите на крадците и безопасни на оние што Го гневат Бога, ним Бог им дава сѐ.

7Но, прашај го добитокот, и ќе те научи; запрашај ја небеската птица, и ќе ти објасни.

8Разговарај со Земјата и таа ќе те поучи, прашај ги рибите морски и тие ќе ти кажат.

9Кое од сите созданија не знае дека раката на Господ го создаде тоа?

10Во Неговата рака е душата на сѐ што е живо и духот на секоја човечка плот.

11Нели увото ги разбира зборовите, и нели јазикот го распознава вкусот на храната?

12Кај старците има мудрост, а кај долговечните — разум.

13Но во Него има мудрост и сила, Негови се решението и разумот.

14Она што Тој ќе разурне, нема да се изгради: кого Тој ќе затвори, нема да се ослободи.

15Да ги запре водите, и сѐ ќе се исуши; да ги пушти, и земјата ќе ја разрушат.

16Во Него е силата и сета мудрост, пред Него е оној што е заблуден, и оној што воведува во заблуда.

17Тој ги приведува советниците во необмисленост и ги прави судиите безумни.

18Тој ги лишува царевите од власт и го врзува со јаже крстот нивни;

19на кнезовите им го одзема достоинството и силните ги кутнува;

20им го одзема јазикот на говорниците и ги лишува од разум старците;

21ги покрива со срам славните и ја ослабнува силата на моќните:

22ја открива темнината во длабините и ја вади на видело смртната сенка;

23ги издигнува народите и ги истребува; ги распрснува и ги собира;

24им го одзема умот на кнезовите земни и ги остава да лутаат во беспатна пустина:

25со пипање одат тие по темнина, без светило скитаат како пијани.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>