Јов 18:1-21 MKDB2006 - Bible AI

1Проговори Вилдад од Шуах и рече:

2„Кога најпосле ќе им ставиш крај на таквите зборови? Размисли се, па потоа да зборуваме.

3Зошто нѐ сметаш за неразумни животни? Зар сме животни во твоите очи?

4О ти, кој во гневот свој ја раскинуваш душата своја! Зарем заради тебе да запусти земјата и карпата да се крене од своето место?

5Да, светлината кај беззаконикот ќе згасне, и пламенот од огнот негов нема да остане.

6Светлината ќе потемнее во шато­рот негов, светилото негово ќе згасне над него.

7Стапките на силата негова ќе ослабат, сопствената мисла ќе го отфрли,

8зашто ќе падне во мрежа со нозете свои, и по јамки ќе оди.

9Јамката ќе ја фати ногата негова и врвцата ќе се затегне околу него.

10Скришно се поставени за него сопки на земјата, пречки има на патот по кој оди.

11Ужаси од секаде го демнат и тој се метка наваму — натаму.

12Од глад се истоштува силата негова, смртта е готова, близу е до него.

13Таа ќе ги испојаде деловите на кожата негова, ќе ги испојаде дело­вите негови првенецот на смртта.

14Од безбедноста на шаторот негов сосила го извлекуваат и при царот на ужасите го водат.

15Ќе се населат во шаторот негов, зашто веќе не е на него: живеа­лиштето негово ќе биде посипано со сулфур.

16Одоздола ќе се исушат корените негови, одозгора ќе овенат ветките негови.

17Споменот за него ќе исчезне од земјата, на плоштадот ќе го нема името негово.

18Ќе го изгонат од светлина во тем­нина и ќе го истераат од лицето на земјата.

19Ни син негов, ни внук нема да има во народот негов: никој нема да остане во живеалиштата негови.

20На Запад и на Исток ќе се чуе за судбината негова, ужас и трепет меѓу луѓето ќе настане.

21Таква е судбината на беззаконикот, тоа го чека живеалиштето на оној, кој не знае за Бога.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>