Јов 19:1-29 MKDB2006 - Bible AI

1На тоа одговори Јов и рече:

2„До кога ќе ја мачите душата моја? До кога ќе ме измачувате со зборови?

3Ете, веќе десетпати ме посрамувате, и нели ви е срам да ме изма­чувате?

4Ако и навистина сум згрешил, грешката моја останува за мене.

5Ако, пак, сакате да се величате над мене и да ме прекорувате со мојот срам,

6знајте дека Бог ме собори и со мрежата Своја ме обвитка.

7Ете, јас викам: — ‚Неправда!‘ — и никој не слуша; врескам, и правда нема.

8Тој ми го загради патот, и не можам да минам; врз патеките мои спушти мрак.

9Ја соблече од мене славата моја и го симна венецот од мојата глава.

10Од сите страни ме сосипува, и јас умирам, и како дрво ја истргнува на­дежта моја.

11Го разгори гневот Свој против мене и ме вброи меѓу непријателите Свои.

12Војските Негови дојдоа заедно, се упатија кон мене и се сместија околу шаторот мој.

13Браќата мои Тој ги оддалечи од мене; и оние што ме познаваат, бегаат од мене.

14Ме напуштија блиските мои и познатите ме заборавија.

15Дојденците во куќата моја и слу­гинките мои ме сметаат за туѓ; туѓинец станав во нивните очи.

16Го викам слугата свој, и тој не се одѕива; со устата своја треба да го молам.

17Здивот мој ѝ е одвратен на жената моја, и милувањата мои на родените синови мои.

18Дури и малите деца ме презираат; кога станувам, тие се подигруваат со мене.

19Од мене се гнасат најверните мои пријатели; и оние што ги сакав, — се свртеа против мене.

20Веќе немам ништо освен кожата врз коските мои; во несреќата изгубив сѐ.

21Смилувајте се, смилувајте се над мене, пријатели мои, — зашто раката Божја се допре до мене.

22Зошто ме гоните и вие како Бог, и со плотта моја не можете да се наси­тите!?

23О, да беа зборовите мои напиша­ни! Да беа ставени на книга!

24Со железно длето и со олово, — да беа на вечни времиња врз камен из­длабени!

25Но јас знам: Заштитникот мој е жив; Тој го има последниот збор на оваа земја.

26И кога ќе се распадне кожата моја, во телото мое ќе Го видам Бога.

27Јас сам ќе Го видам; моите очи, не очите на друг, ќе Го видат Него. Срцето ми се топи во градите мои!

28Вие требаше да кажете: — зошто го гониме! — Како да е коренот на злото најден во мене.

29Плашете се од мечот, зашто мечот се одмаздува за неправда; и знајте дека има правда.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>