Јов 2:1-13 MKDB2006 - Bible AI

1Еден ден дојдоа синовите Божји да застанат пред Господ; со нив дојде и ѓаволот да застане пред Господ.

2И му рече Господ на ѓаволот: „Од каде дојде?“ Му одговори ѓаволот на Господ и Му рече: „Одев по земјата и ја обиколив.“

3Тогаш му рече Господ на ѓаволот: „Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема друг како него: човек непорочен, праведен, бого­бојазлив и кој го одбегнува злото, и сѐ уште цврсто се држи во својата непо­рочност; а ти Ме поттикнуваше, да го погубам без вина.“

4Му одговори ѓаволот на Господ и Му рече: „Кожа за кожа, а за животот свој човек ќе даде сѐ што има;

5но ајде пружи рака и допри се до коските негови и плотта негова, — ќе Те благослови ли и тогаш?“

6И му рече Господ на ѓаволот: „Ете, тој е во твоја рака; само душата не земај му ја.“

7Си отиде ѓаволот од лицето Госпо­дово и го порази Јов со лута рана — од стапалките на нозете негови до самото теме негово.

8И си зеде Јов тогаш цреп за да се чеша со него, и седеше на ѓубриште­то.

9И му рече неговата жена: „Ти сѐ уште си цврст во непорочноста своја. Проколни Го Бога и умри!“

10Но тој ѝ рече: „Говориш како без­умна. Зар доброто да го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?“ — Во сето тоа Јов не згреши со устата своја.

11Слушнаа тројцата пријатели Јово­ви за сите тие зла што го беа снашле, па тргнаа секој од своето место: Елифаз од Теман, Вилдад од Шуах и Софар од Ноема; се состанаа, за да одат да тагуваат заедно со него и да го утешуваат.

12И кога ги кренаа очите оддалеку, тие не го познаа; па викнаа со силен глас, та заплакаа; секој ја раскина својата горна облека и се посипаа со земја врз главите свои.

13И седеа со него на земјата седум дена и седум ноќи: никој ни збор не му проговори, бидејќи гледаа дека стра­дањето му беше многу големо.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006