Јов 21:1-34 MKDB2006 - Bible AI

1Одговори Јов и рече:

2„Ислушајте го внимателно зборот мој; тоа ќе ми биде утеха од вас.

3Потрпете ме, и јас ќе говорам; а потоа, откако ќе се искажам, потсме­вајте се.

4Зар на човек се оплакувам јас? Па како да не биде трпението мое при крај?

5Погледајте ме и ужаснете се, и ста­вете прст на устата своја.

6Само кога ќе помислам, — истрпнувам, и трепет го обзема телото мое.

7Зошто беззакониците живеат, дос­тигнуваат старост, и остануваат со моќ?

8Децата нивни се со нив пред лицето нивно, и внуците им се пред очите нивни.

9Куќите им се во мир и спокојство, и жезолот Божји не е врз нив.

10Бикот нивни оплодува и не про­пушта, кравата нивна зачнува и не пометнува.

11Ги пуштаат малите свои како стадо, и децата нивни скокаат.

12Подвикнуваат при тимпани и гусли и се веселат со свирки;

13ги поминуваат деновите во добро и во еден миг слегнуваат во гроб.

14А притоа, Му велат на Бога: — ‚Отстрани се од нас, не сакаме да знаеме за Твоите патишта!

15Што е Седржителот, та да Му служиме? И каква полза има да прибегнуваме кон Него?‘

16Гледаш, доброто нивно не е во нивните раце. Да биде далеку од мене советот на безбожниците!

17Често ли згаснува светилката на беззакониците и ги сполетува ли зло, и Тој во гневот Свој ги дарува ли со страдања?

18Тие треба да бидат како сламка пред ветар и како плева, завеана од виор.

19Ќе речеш: ‚Бог го чува злото не­гово за неговите деца. — Нека му воздаде Тој на него самиот, за да го знае тој тоа.‘

20Нека очите негови го видат злото негово; и сам нека пие од гневот на Седржителот.

21Зашто, што му е грижа за домот негов по него, кога бројот на месеците негови ќе се сврши?

22Но Бога ли ќе Го учиме на мудрост, кога Тој им суди и на самите ангели?

23Некој умира во најголемата сила своја, сосема спокоен и мирен;

24боковите негови се полни со маст, и сржта од коските негови сѐ уште е свежа.

25Друг, пак, умира со огорчена душа, без да вкуси добро.

26И еден до друг в земја лежат и црви нив ќе ги јадат.

27Ги знам вашите мисли и намери, какви зла против мене кроите.

28Вие велите: ‚каде е домот на кнезот, каде е шаторот на безбожници­те?‘

29Зар не сте ги распрашувале патни­ците и нели сте запознаени со нивните забележувања,

30дека во денот на смртта безбож­никот бива поштеден; во денот на гневот се одведува настрана?

31Кој ќе му го прекори пред лицето негово неговиот пат, и кој ќе му врати за она што го вршел тој?

32Го спроведуваат до гробиштата и во гробот свој останува тој.

33Лесни се за него земјените грутки; по него одат многу луѓе, а оние пред него број немаат.

34Како тогаш сакате да ме утешите со суета? Во одговорите ваши има само лага.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>