Јов 24:1-25 MKDB2006 - Bible AI

1„Зошто не се сокриени од Седржителот времињата? И оние, кои Го знаат, не ги гледаат дните Негови?

2Безбожниците поместуваат меѓи, ограбуваат стада и си ги пасат,

3од сираците одземаат магаре, од вдовица вол — за залог;

4сиромаси истуркуваат од патот, сите понизени се принудени да се кријат од нив.

5Ете, како диви магариња во пустина, излегуваат тие по работата своја, стануваат рано за грабеж; пустината им дава леб за нив и за децата нивни;

6жнеат по туѓи ниви, и од лозјето на безбожникот крадат;

7голи ноќеваат без покривка, не­маат облека за да се спасат од студ;

8наводенети од горски дождови и, немајќи прибежиште, се притискаат до карпа;

9раздвојуваат сираче од градите на мајката и земаат залог од сиромав;

10ги тераат да одат голи, без облека, и на празен стомак снопови да носат;

11маслиново масло на другите тие цедат, и во каци жедни грозје тие гме­чат.

12Во градот луѓето офкаат и душата на убиените вика, а Бог тоа не го слуша.

13Тие ѝ се противат на светлината, не ги знаат патиштата нејзини и не одат по патеките нејзини.

14На разденување станува убиецот, убива сиромав и несреќен, а ноќе е крадец.

15И окото на прељубникот чека да се стемни, велејќи: ‚ничие око нема да види‘ и го покрива лицето свое.

16Во темнината се провираат под куќите, а дење се кријат затворени; не знаат тие за светлина.

17За нив најцрната ноќ е како јасно утро, толку се зближени тие со стра­вотиите на темнината.

18Лесен е таквиот на водната пов­р­шина, проклет е делот негов на земјата, и не го гледа патот кон лозјата.

19Како што сушата и горештината ја голтаат снежната вода, така пе­колот ги голта грешниците.

20Нека го заборави утробата мај­чина; нека биде храна за црвите; нека не остане помен за него; како дрво ќе се скрши беззаконикот;

21оној кој угнетува бездетна, и на вдовица не ѝ прави добро.

22Но Бог сосила ги истерува насилниците; се појавува и тие немаат на­деж за животот свој.

23Бог им дава во што да се надеваат, но Неговите очи ги гледаат нивните патишта.

24Се креваат високо, — и, ете, веќе ги нема; паѓаат и умираат, како и сите, и како врвовите на класовите се кршат.

25Ако тоа не е така, — кој ќе ме изобличи за лагата и кој ќе ги прет­вори во ништо зборовите мои?“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>