Јов 33:1-33 MKDB2006 - Bible AI

1ⓖ„И така, слушај ги Јове, зборовите мои и внимавај на сѐ што ќе ти кажам.

2Еве, ја отворам устата своја, јази­кот ми говори под непцето мое.

3Зборовите мои се искрени од срцето мое, и устата моја ќе искаже чиста вистина.

4ⓗДухот Божји ме создал, и здивот на Седржителот ми дал живот.

5ⓘАко можеш, одговори ми и застани спроти мене.

6ⓙЕве ме мене, според твојата желба, место Бога. И јас сум направен од кал;

7ⓚпоради тоа стравот пред мене не може да те збуни, и раката моја нема да биде тешка за тебе.

8Ти зборуваше пред мене, и јас го чув гласот на твоите зборови:

9ⓛ‚Чист сум, без порок, невин сум; во мене нема неправда;

10ⓜА Тој најде обвинение против мене и ме смета за Свој противник;

11ⓝнозете ми ги стави во окови, ги надгледува сите мои патишта.‘

12ⓞЕте, во тоа ти не си прав, ти одговарам; човекот со Бога не може да се мери.

13ⓟЗошто ти е да се бориш против Него? Тој не дава сметка за Своите дела.

14ⓠБог говори еднаш на еден начин а потоа на друг, но луѓето не внимаваат:

15на сон, во ноќно видение, кога со­нот ги соборува луѓето, во време, кога спијат на своето легло,

16ⓡтогаш Тој му го отвора на чове­кот увото и го запечатува Своето кажу­вање,

17ⓢза да го одвлече човекот од лошо дело, и да ја отстрани гордоста од него,

18ⓣза да ја запази душата негова од бездна, и животот негов од пораз со меч.

19ⓤИли, пак, го вразумува со болест на постелата негова, и со лута болка во сите коски негови;

20ⓥтака што животот негов да се гади од лебот, душата негова — од омилената храна.

21ⓦМесото негово исчезнува; коските негови, кои пред тоа не се гледале, се подаваат.

22ⓧДушата негова се приближува кон гробот, а животот негов — до смртта.

23ⓨАко има кај него ангел, еден од илјада, за да му го покажува правиот пат, —

24ⓩБог би се смилувал над него и би рекол: ‚Ослободи го од гробот; Јас најдов откуп.‘

25ⓐТогаш телото негово ќе се подмлади повеќе, отколку во млади години; и тој ќе се врати во дните на младите свои години.

26ⓑЌе Му се моли на Бога, и Тој ќе биде милостив спрема него; со радост ќе го погледнува лицето негово и ќе му ја враќа праведноста негова.

27ⓒТој ќе ги гледа луѓето и ќе вели: сум грешел и сум ја искривувал правдата, и не ми е вратено со зло;

28ⓓТој ја ослободи душата моја од гроб; животот мој гледа светлина.

29ⓔЕте, сето тоа Бог му го прави два до трипати на човекот,

30ⓕза да ја изведе душата негова од бездната и да го просвети со светлината на живите.

31Внимавај, Јове, слушај ме, молчи, јас ќе зборувам.

32Ако имаш нешто да кажеш, одговарај; зборувај, зашто јас го посакувам твоето оправдување;

33ако, пак не, тогаш слушај ме: молчи и јас ќе те научам на мудрост.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>