Јов 34:1-37 MKDB2006 - Bible AI

1Продолжи Елијуј и рече:

2„Ислушајте го, мудри, зборот мој, и приклонете го увото кон мене, разумни!

3Зашто увото ги разбира зборовите, како што непцето го разликува вкусот на храната.

4Да расудиме меѓу себеси што е право и да познаеме што е добро.

5Ете, Јов рече: ‚јас сум прав, но Бог ја отфрли мојата правда.

6Треба ли да лажам против својата правда? Раната ми е неизлечива — рана без вина.‘

7Има ли човек како Јов, кој ги пие подбивањата како вода,

8кој другарува со оние што вршат беззаконие и оди со безбожни луѓе?

9Зашто тој беше рекол: — нема полза за човек да Му угодува на Бога. —

10И така, чујте ме, луѓе разумни! Не може да има кај Бога зло или кај Седржителот неправда.

11Тој постапува со човекот според де­лата негови и му дава на секого според заслугите негови.

12Навистина, Бог не прави зло и Седржителот не суди криво.

13Кој, освен Него, размислува за земјата? И кој управува со вселената?

14Ако Тој го свртеше срцето Свое кон Себе и го земеше при Себе нејзи­ниот дух и нејзиното дишење;

15за миг ќе загинеше секоја плот и човекот ќе се вратеше во правот.

16И така, ако имаш разум, чуј го ова и внимавај на зборовите мои.

17Оној што ја мрази правдата, може ли да господари? И можеш ли ти да Го обвинуваш Сеправедниот?

18Може ли да му се каже на царот: ‚ти си никаквец‘, и на кнезовите: ‚вие сте беззаконици?‘

19Но Бог не гледа и на лицата на кнезовите и не цени богат пред сиромав, за­што сите тие се дело на раката Негова.

20Тие умираат ненадејно; среде ноќ народот ќе се побуни и тие ќе исчезнат; без рака да се подигне, моќниците па­ѓаат;

21зашто Неговите очи се над па­тиштата на човекот; Тој ги гледа сите чекори негови.

22Нема темнина, ниту смртна сен­ка, каде што би можеле да се сокријат оние што вршат беззаконие.

23Затоа Тој не бара од човекот да оди на суд со Бога.

24Тој ги уништува силните без испи­тување и поставува други на нивните места,

25зашто Тој ги знае нивните дела; кога ќе настане ноќ — веќе ги нема.

26Ги поразува како беззаконици пред очите на другите,

27поради тоа што отстапиле од Него и не ги разбрале Неговите па­тишта,

28така што дојде до Него повикот од сиромасите, го слушна офкањето на уг­нетените.

29Ако Тој мирува, кој може да Го вознемири? Ако го сокрие лицето Свое, кој може да Го види? А тоа бива за сиот народ и за еден човек,

30за да не царува лицемерниот над на­родот и да нема стапица за народот.

31На Бога треба да Му се каже: ‚Претрпев, нема повеќе да грешам.

32А она што јас не знам, научи ме; ако сум направил беззаконие, нема повеќе да правам.‘

33Според твоето ли разбирање Тој треба да наградува? И бидејќи ти отфрлуваш, на тебе останува да избираш, а не на мене; зборувај сѐ што знаеш.

34Умните луѓе ќе го кажат истото; мудрите ќе се согласат со мене,

35дека Јов умно не зборува и дека зборовите негови не се разумни.

36Би сакал јас Јов наполно да биде испитан, според одговорите негови, за­што одговара како лошите луѓе.

37Инаку, кон гревот свој додава уште и беззаконие, плеска со рацете меѓу нас и уште повеќе ќе говори против Бога.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>