Јов 6:1-30 MKDB2006 - Bible AI

1Одговори Јов и рече:

2„О, да беа точно измерени маките мои, и заедно со нив да го беа ставиле на терезија страдањето мое!

3Тие навистина би биле потешки од морскиот песок! Затоа зборовите ми се жестоки.

4Стрелите на Седржителот се во моето тело; духот мој нивниот отров го пие; ужасите Божји се управија против мене.

5Рика ли диво магаре при трева? Мука ли бик над крмата своја?

6Се јаде ли блуткавото без сол и има ли вкус белката од јајцето?

7До она до кое душата моја не сакаше да се допре, тоа ми е сега храна во болеста.

8О, да се беше збиднала желбата моја, и Бог да го исполнеше очекувањето мое!

9О, да сакаше Бог да ме сотре, да ме удреше со раката Своја и да ме уништеше!

10Тоа би ми била вистинска утеха, иако горам од мојата безмилосна болест, бидејќи не се откажав од зборовите на Светиот.

11Колку ми е силата, та да се надевам на себе самиот? И каков е крајот, та да го продолжувам животот мој?

12Тврда како камен ли е силата моја? И од бакар ли е телото мое?

13Има ли во мене помош за мене, има ли за мене некоја поткрепа?

14Кој одбива милост кон ближниот свој, ако тој не престанал да се бои од Севишниот Бог?

15Како поток ме напуштија браќата мои, како бујни потоци коритото свое.

16Како снег и мраз што се топат од топлина и не се познава што имало.

17Во сушно време тие намалуваат, а во време на жеги исчезнуваат од местата свои.

18Ја менуваат насоката на патиш­тата свои, навлегуваат во пустина и се губат;

19погледнуваат кон нив карваните темајски, им се надеваат патниците од Сева,

20но остануваат измамени во својата надеж: одат таму и црвенеат од срам.

21Такви сте и вие сега кон мене: видовте стравотија и се исплашивте.

22Ви реков ли: дајте ми, или подајте ми нешто од вашиот вишок;

23избавете ме од раката душманска, откупете ме од раката на мачите­лите?

24Научете ме, и јас ќе замолчам; покажете ми во што сум згрешил.

25Колку се силни искрените збо­рови! Но што кажуваат вашите прекори?

26Мислите ли зборовите мои да ги изобличите? Во ветар ги фрлате зборо­вите ваши!

27Го напаѓате сиракот и му копате јама на пријателот свој.

28Но, ве молам, погледнете ме: зборувам ли лага пред вашето лице?

29Погледајте: има ли неправда? По­гледајте — правдата е на моја стра­на.

30Има ли во јазикот мој неправда? Зар грлото мое не може да го разликува лошото?“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006