Јов 7:1-21 MKDB2006 - Bible AI

1„Нели е ограничен земниот жи­вот за човекот? Дните негови нели се како дни на наемник?

2Како што робот копнее за сенка, и како што наемникот го чека крајот на работата своја,

3така и јас добив наследство месеци на небиднина; тажните ноќи ми се изброени.

4Легнувајќи, си мислам: кога ли ќе станам? А ноќта е бескрајна и несоница ме измачува од вечерта до утрото.

5Телото ми е покриено со црви и праш­ливи наслаги; кожата ми се распукнува и гнои;

6деновите мои летаат побрзо од совалка и исчезнуваат без надеж.

7Спомни Си дека животот мој е ветар, дека окото мое нема веќе добро да види.

8Нема да ме види окото на оној што ме видел; Твоите очи се на мене, а мене ме нема,

9како кога облак се проретчува и исчезнува, така слезениот во гроб нема да излезе;

10нема повеќе да се врати во куќата своја; ни местото негово нема веќе да го познае.

11Затоа нема да ја воздржувам устата своја; ќе говорам иако сум тажен во ду­хот свој, ќе се поплакувам во горчината на душата своја.

12Зар сум море или морско чудо­виште, та си поставил стража над мене?

13Кога ќе си помислам: ‚Моето легло ќе ме утеши; мојата постела ќе ја однесе тагата моја.‘

14Ти ме плашиш со соништа и со привиденија ме ужаснуваш!

15Затоа душата моја сака повеќе да се прекине дишењето, подобро смрт; смртта ми е помила од моите маки.

16Ми омрзна животот! Нема вечно да живеам. Оддалечи се од мене, дните мои се само суета.

17Што е човекот, та толку си го издигнал? И такво внимание му обрнуваш?

18Зошто го посетуваш секое утро? Зошто го искушуваш секој миг?

19Кога ќе ме оставиш? Кога ќе си одиш од мене? Кога ќе ми дозволиш плунката своја да ја голтнам?

20Ако сум згрешил, што сум на­правил, о чувару над луѓето? Зошто ме избра за Своја мета, па да сум Ти на товар?

21Зар престапот мој не можеш да го однесеш? Зар не можеш да ми го простиш беззаконието мое? Зашто, ете, уште малку и во прав ќе легнам; утре ќе ме побараш, а нема да ме има.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006