Јов 9:1-35 MKDB2006 - Bible AI

1На тоа одговори Јов и рече:

2„Навистина знам дека е тоа така; но како ќе се оправда човек пред Бога?

3Ако сака да влезе во спор со Него, нема да Му одговори ни на едно од илјада.

4Тој е мудар по срце и моќен по сила; кој станувал против Него и останувал во спокојство?

5Тој ги преместува планините, а тие тоа не го знаат: ги превртува во гневот Свој;

6ја поместува Земјата од местото нејзино, и столбовите ѝ треперат;

7ќе му каже на сонцето, — и тоа не изгрева, и ѕвездите небески, под клуч ги става.

8Тој Сам ги распнува небесата и оди по морските бранови;

9Тој ги создал Големата Мечка, Орион и Плејадите и ѕвездите на јужното небо;

10врши големи дела, неиспитливи и чудесни, и безбројни се Неговите чуда.

11Ете, Тој оди пред мене, и јас не можам да Го видам; Тој минува, а јас не Го забележувам.

12Ако земе нешто, кој ќе Му забрани? Кој смее да Му рече: што правиш?

13Бог нема да го сопре гневот Свој; пред Него ќе паднат поклониците на гордоста.

14Како тогаш јас да Му одговорам, какви зборови против Него да изустам!?

15Дури и да сум прав, нема да приговарам, туку Судијата мој за милост ќе Го молам.

16И кога на гласот мој би се одзвал, немаше да поверувам дека ги чул зборовите мои Оној,

17Кој во виор ме поразува и без вина ги умножува раните мои;

18не ми дава да здивнам, а со горчила ме исполнува.

19Ако станува збор за сила, Тој е најсилниот; кој ќе се спротивстави на Неговиот суд?

20Ако почнам да се оправдувам, самата уста ќе ме обвини; ако сум невин, Тој ќе ме прогласи за виновен.

21А дали сум невин, и јас самиот веќе не знам, животот свој го презирам.

22Сеедно е; затоа реков дека Тој го погубува и невиниот, и виновниот;

23кога несреќата доаѓа одненадеж и убива невини, со невиноста на чесните Тој се подбива.

24Земјата е препуштена во рацете на нечестивите. Тој им ги покрива очите на нејзините судии. Ако Тој не е, тогаш кој е?

25Деновите мои се побрзи од гласник, далеку бегаат, за нив добро нема;

26поминуваат како чамци од трска, како орел што се спушта врз плен.

27Ако речам: ‚Ќе ги заборавам тагите свои, ќе го отстранам својот мрачен изглед и ќе закрепнам,‘

28од сите мои маки ужас ме опфаќа, зашто знам дека нема да ме оправдаш.

29Ако сум, пак, виновен, зошто тогаш залудо се измачувам?

30Да се измиев со снежна вода и сосема да ги исчистев рацете свои,

31и тогаш Ти в тиња ќе ме турнеше, па ќе се згнасат од мене и алиштата мои.

32Зашто Тој не е човек, како што сум јас, та да можам да Му одговорам и да отидам со Него на суд!

33Меѓу нас нема посредник што би ја ставил раката своја врз двајцата.

34Нека го тргне Тој од мене жезолот Свој, и стравот Негов да не ме за­страшува,

35тогаш би зборувал без да се плашам од Него, но тоа не е така, зашто јас сум самиот со себе.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006