1Слово Господово упатено до Јоил, синот Петуелов.
2ⓐЧујте го ова, старци, и внимавајте сите жители на оваа земја: се случувало ли ова во вашите денови или во деновите на вашите татковци?
3ⓑРаскажувајте за него на децата ваши; а децата ваши нека им раскажуваат на нивните деца, и нивните деца — на следниот род;
4ⓒсѐ што остана од гасениците, го изедоа скакулците; а што остана од скакулците, го изедоа црвите; и што остана од црвите, го изедоа бумбарите.
5ⓓРазбудете се пијаници, плачете и ридајте, вие сите што пиете вино, за сокот гроздов, зашто е одземен од устата ваша.
6ⓔЗашто против земјата моја дојде народ силен и безброен; забите му се како заби на лав, а челустите како челуст на лавица.
7ⓕТој ми ја опустоши лозата, и смоквата ми ја откорна, ја излупи до голо и ја фрли; гранките ѝ побелеа.
8ⓖПлачи како што плаче девица, опашана со вреќиште, за свршеникот од својата младост.
9ⓗСе прекрати лебниот принос и преливот за него во домот Господов; плачат и свештениците, служителите Господови.
10ⓘОпустошено е полето, тагува земјата, зашто е уништено житото; се исуши гроздовиот сок, пресуши маслиновото масло.
11Црвенете се од срам, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, зашто пропадна жетвата по нивите,
12ⓙлозата се исуши, смоквата свена, нарот, палмата и јаболкницата — сите дрвја по полето се исушија; поради тоа и веселбата меѓу луѓето исчезна.
13ⓚПрепашете се со вреќиште, свештеници, и плачете; ридајте, служители на светилиштето. Влезете и ноќевајте, служители на мојот Бог, во вреќиште, зашто во домот на вашиот Бог нема веќе лебен принос и прелив.
14ⓛНаредете свет пост, објавете свечен собир, повикајте ги старешините и сите жители од тој крај во домот на Господ, вашиот Бог — викајте кон Господ.
15ⓜСтрашен ден! Зашто денот Господов е близу; и ќе дојде како запустување од Сесилниот.
16ⓝЗар пред очите наши не се одзеде храната, и од домот на нашиот Бог — веселбата и радоста?
17Изгниени се зрната под сувите грутки, запустени се житниците, урнати се амбарите, зашто нема веќе жито.
18ⓞЕте, стенка добитокот, скитаат стадата волови, зашто нема за нив пасиште; се измачуваат и стадата овци.
19ⓟКон Тебе, Господи, викам, зашто оган ги проголта пасиштата во пустината, и пламен ги подгори дрвјата во полето.
20ⓠДури и животните во полето викаат кон Тебе, зашто секна водата по потоците, и оган ги изгоре пасиштата во пустината.