1ⓢЗашто, ете, во оние денови и во тоа исто време, кога ќе ги вратам прогонетите од Јуда и од Ерусалим,
2ⓣтогаш ќе ги соберам сите народи и ќе ги доведам во долината Јошафатова, и таму над нив ќе изречам суд за Мојот народ и за Моето наследство — Израел, кого го растурија меѓу народите и земјата Моја ја разделија.
3ⓤЗа народот Мој фрлија ждрепка и даваа момче за блудница, и продаваа девојче за вино, и пиеја.
4ⓥПа што барате од Мене вие, Тире и Сидоне, и сите краеви филистејски? Сакате ли да Ми се одмаздите за нешто? Ако Ми се одмаздувате Мене, за миг ќе ја свртам одмаздата ваша врз вашите глави,
5бидејќи вие го зедовте среброто Мое и златото Мое и Моите највредни драгоцености и ги внесовте во вашите безбожнички светилишта;
6ⓦа синовите на Јуда и на Ерусалим им ги продававте на потомците Јаванови, за да ги избркате од нивните предели.
7Еве, Јас ќе ги кренам од она место, каде што ги продадовте, и ќе го свртам вашето злосторство врз главите ваши.
8ⓧИ ќе ги продадам синовите ваши и ќерките ваши во рацете на синовите Јудини, и тие ќе им ги продадат на Савејците, народ далечен. Така вели Господ.
9ⓨКажете го ова меѓу народите, пригответе се за војна, кренете ги јунаците, нека дојдат и нека станат сите војници.
10ⓩПрековајте ги плуговите свои во мечеви, а срповите во копја; и слабиот нека вели: јунак сум.
11Побрзајте, вие околни народи, и соберете се. Господи, доведи ги јунаците Свои!
12ⓐНека се кренат народите и нека слезат во долината Јошафатова; зашто таму ќе седнам Јас за да им судам на сите околни народи.
13ⓑМавнете со срповите, зашто зрело е житото; одете, слезете, зашто полна е кацата и бочвите се преполнети, зашто нивното зло е големо.
14ⓒМноштво, мноштво во Долината на одлуката! Зашто близу е денот Господов во Долината на одлуката.
15ⓓСонцето и месечината ќе потемнат, и ѕвездите ќе го изгубат својот сјај.
16ⓔИ ќе загрми Господ од Сион и ќе го испушти гласот Свој од Ерусалим: ќе затреперат небото и земјата; но Господ ќе му биде заштита на Својот народ и одбрана за синовите Израелови.
17ⓕТогаш ќе познаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог, Кој живее на Сион, на Мојата света гора; и ќе стане Ерусалим светиња, и нема повеќе туѓинци да минуваат низ него.
18ⓖИ, ете, во тој ден од горите ќе капе вино, а од ридовите ќе потече млеко, од сите долини јудејски ќе потече вода, а од домот Господов ќе се појави извор, и ќе ја напојува долината Ситим.
19ⓗЕгипет ќе стане пустина и Едом ќе стане пустина, бидејќи тие ги измачуваа синовите Јудини и проливаа невина крв во земјата нивна.
20ⓘА Јудеја ќе биде населена вечно, и Ерусалим — од род во род.
21ⓙЈас ќе ја одмаздам крвта нивна, за која уште не сум се одмаздил, и Господ ќе живее на Сион.