Авакум 1:1-17 MKDB2006 - Bible AI

1Пророчко видение што го имаше пророкот Авакум.

2До кога, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш; викам кон Тебе поради насилството, а Ти не ме избавуваш?

3Зошто ми дозволуваш да гледам злосторства, и да гледам неволји? Гра­бежот и насилството се пред мене; се појавува непријателство, настанува раздор.

4Поради тоа законот ја изгуби силата, а правдата е згазена: нечестивиот го победува праведниот, и затоа правдата се искривува.

5Погледајте меѓу народите, видете — зачудете се! Зашто во ваше време Јас извршувам такво дело, за кое вие не би поверувале, ако би ви раскажувале.

6Зашто Јас ќе ги кренам Халдејците, народ жесток и необуздан, кој оди по ширините земни за да завладее населби, кои нему не му припаѓаат.

7Тој е страшен и ужасен; тој самиот е и суд и власт.

8Коњите негови се побрзи и од леопарди и пострашни од волци во рани зори; коњицата негова потскокнува; јавачи му доаѓаат од далечина, налетуваат како орли, што се спуштаат врз пленот.

9Сите тие доаѓаат по грабеж; со лица вжештени, грабаат робови како песок!

10И со цареви се подигруваат, а кнезовите им служат за подбив; над секоја тврдина се смеат: засипуваат опсаден окоп и ја преземаат.

11Тогаш како ветер се свртуваат и си одат — престапници и виновници; нивната сила им е бог.

12Но, зар не си Ти од векот Господ Бог мој, Светецот мој? Ти, Кој не уми­раш! Ти, Господи, само за суд си го до­пуштил тоа. Карпо моја, за казна си го определил ова.

13На чистите очи Твои не е својстве­но да гледаат злосторства и Ти не мо­жеш да гледаш угнетување. Зошто гледаш злодејци и молчиш, кога нечес­тивиот проголтува човек што е по­праведен од него?

14Ги оставаш луѓето како риба в море и како лазачи, кои немаат господар?

15Непријателот со јадици ги лови, ги лови во мрежата своја, ги извлекува и ги собира на суво, па затоа се радува и весели.

16Затоа на мрежата своја ѝ принесува жртва и на торбата ѝ кади со темјан, зашто тие му прибавуваат сладок залак и вкусна храна.

17Ќе продолжи ли тој да ја празни мрежата своја и постојано да ги убива народите безмилосно?

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>