1ⓐЗборовите на Амос, еден од пастирите на Текоа, што ги чу во видение за Израел во деновите на јудејскиот цар Озија, и во деновите на израелскиот цар Јеровоам, синот Јоасов, две години пред земјотресот.
2ⓑИ рече тој: Господ ќе загрми од Сион и ќе го пушти гласот Свој од Ерусалим, и ќе свенат пасиштата пастирски, и ќе се исуши врвот на Кармил.
3ⓒТака вели Господ: за трите престапи на Дамаск и за четирите нема да го поштедам, зашто го вршеа Галаад со железни орудија.
4ⓓЌе пуштам оган на домот Азаилов, и тој ќе ги проголта дворците на Венадад.
5ⓔПа ќе ги скршам резињата на Дамаск и ќе ги истребам жителите на Бикат — Авен, и оној, што држи жезол, од Бет — Едем; народот на Арам ќе отиде во ропство во Кир, вели Господ.
6ⓕТака вели Господ: за три престапи на Газа и за четири нема да ја поштедам, зашто тие ги одведоа сите во ропство, за да му ги предадат на Едом.
7ⓖИ ќе испратам оган врз ѕидините на Газа и тој ќе ги проголта дворците нејзини.
8ⓗПа ќе ги истребам жителите на Ашдот, и оној, што го држи жезолот во Ашкелон, и ќе ја свртам раката Своја против Екрон, и ќе загине остатокот на Филистејците, вели Господ.
9ⓘВака вели Господ: за трите престапи на Тир и за четири нема да го поштедам, зашто тие му ги предадоа на Едом сите заробеници, и не се сетија за братскиот сојуз.
10ⓙЌе пратам оган врз ѕидините на Тир, и тој ќе ги проголта дворците негови.
11ⓚТака вели Господ: за трите престапи на Едом и за четири нема да го поштедам, зашто тој ги гонеше браќата свои со меч, погази секакво сочувство, беше свиреп во гневот свој и секогаш ја потпалуваше јароста своја.
12Ќе испратам оган врз Теман, и тој ќе ги проголта дворците на Восор.
13ⓛТака вели Господ: за трите престапи на синовите Амонови и за четири нема да ги поштедам, бидејќи тие ги распоруваа бремените жени во Галаад, за да ги прошират границите свои.
14ⓜИ ќе запалам оган во ѕидовите на Рава, и тој ќе ги проголта дворците нејзини со врисок во денот на бојот и со виор во денот на бурата.
15ⓝИ ќе отиде царот нивни во ропство, тој и кнезовите негови заедно, вели Господ.