1ⓞЧујте го ова слово, јуници башански, вие, кои сте на Самарјанската Гора, вие, кои ги измачувате сиромасите, ги угнетувате бедните и им велите на своите мажи: „Донесете да пиеме!“
2ⓟСе заколна Господ Бог во Својата светост дека, ете, ќе дојдат врз вас дни, кога ќе ве извлечат со куки и остатокот ваш — со јадици.
3Па ќе излезете низ пукнатините на ѕидовите, секоја — како ќе може, и ќе бидете фрлени кон Хармон[1], вели Господ.
4ⓠОдете во Ветил и грешете, во Гилгал и умножувајте ги престапите, принесувајте жртви секое утро, десетоци секој трет ден.
5ⓡПринесувајте како благодарствена жртва леб со квас, објавете доброволни прилози и разгласувајте за нив, зашто вие тоа го сакате, синови Израелови, вели Господ.
6ⓢЗатоа и ви дадов чисти заби во сите ваши градови и недостиг од леб по сите ваши населби; но вие не се вративте кај Мене, вели Господ.
7ⓣИ ве лишив од дожд три месеци пред жетва; пуштав дожд врз еден град, врз друг град не пуштав; еден дел беше напојуван со вода, а другиот — ненаросен со дожд, и се исушуваше.
8ⓤИ се собраа два-три града во еден град, за да се напијат со вода и не можеа да се напијат до ситост; но и тогаш вие не се вративте кај Мене, вели Господ.
9ⓥВе казнував со суша и метлика по житата и во многу ваши градини и лозја, а насадите со смокви и маслини ги јадеа гасеници, и при сето тоа пак не се вративте кај Мене, вели Господ.
10ⓦВи праќав помор, како египетскиот, ги убивав со меч момчињата ваши, ги одведов коњите ваши во плен, и смрад во становите ваши се креваше во ноздрите ваши, и покрај сето тоа не се вративте кај Мене, вели Господ.
11ⓧВе сотирав, како што Бог ги разруши Содом и Гомора, и вие бевте истргнати од огнот како гламња, но при сето тоа не се вративте кај Мене, вели Господ.
12ⓨЗатоа вака ќе постапам со тебе, Израеле; и бидејќи така ќе постапувам со тебе, приготви се да Го дочекаш твојот Бог, Израеле.
13ⓩЗашто, ете, Оној, Кој образува гори и создава ветар и му ги објавува замислите Свои на човекот, утринската светлина ја претвора во мрак и оди високо над земјата, Господ Бог Саваот е Неговото име.