1ⓗГо видов Господа како стои на жртвеникот и вели: удри во горниот праг на вратата за да се растресат спојките и расцепи ги врз главите на сите нив, а другите од нив ќе ги убијам Јас со меч: никој од нив, кој бега, нема да избега, и никој од нив, кој сака да се спаси, нема да се спаси.
2ⓘИ да се закопаат во Подземјето[2], и оттаму раката Моја ќе ги извлече; и да се качат на небото, и оттаму ќе ги симнам.
3ⓙМакар да се скријат и на врвот Кармил, и таму ќе ги најдам и ќе ги фатам; па и да се сокријат и од очите Мои во морското дно, и таму ќе му заповедам на змејот морски да ги голтне.
4ⓚИ во плен, ако појдат пред непријателите свои, ќе му заповедам на мечот таму да ги убие. Ќе ги свртам врз нив очите Свои за нивно зло, а не за добро.
5ⓛЗашто Господ Бог Саваот ќе се допре до земјата, и таа ќе се растопи, и ќе се расплачат сите живи на неа; ќе се крене таа цела како реката Нил и ќе се спушти како реката египетска.
6ⓜТој ги изгради своите горни дворци на небесата и сводот Свој го зацврсти на земјата; ги повика морските води и ги изли по лицето на земјата; Јахве е името Негово.
7ⓝВие, синови Израелови, не сте ли за мене како синови етиопски, вели Господ, нели Јас го изведов Израел од земјата египетска и Филистејците — од Кафтор и Арамејците од Кир?
8ⓞЕте, очите на Господ Бог се врз грешното царство, и Јас ќе го истребам од лицето на земјата, но домот на Јаков нема целосно да го истребам, вели Господ.
9ⓟЗашто, еве, Јас ќе заповедам и ќе го распрснам домот Израелов по сите народи, како што се растураат зрната во решето, и ниедно не паѓа на земја.
10ⓠОд меч ќе умрат сите грешници меѓу народот Мој, кои велат: „Нема да нѐ постигне и нема да дојде кај нас тоа зло!“
11ⓡВо оној ден ќе ја подигнам паднатата скинија Давидова, ќе ги пополнам пукнатините нејзини, срушеното ќе го подигнам и ќе ја обновам, како во поранешните дни.
12ⓢЗа да го завладее остатокот од Едом и сите народи, меѓу кои ќе се спомнува името Мое, вели Господ, Кој го врши сето тоа.
13ⓣЕте, ќе настапат дни, вели Господ, кога орачот ќе го затече жетварот и оној што гази грозје — сејачот; и горите ќе пуштаат гроздов сок, и од сите ридови ќе потече.
14ⓤЌе ги вратам заробените на Мојот народ Израел; и пак ќе ги изградам запустените градови и ќе се населат во нив; ќе насадат лозја и ќе пијат вино од нив, и ќе направат градини и ќе јадат плодови од нив.
15ⓥИ ќе ги населам во земјата нивна и тие нема повеќе да бидат истргани од својата земја, која им ја дадов Јас, вели Господ, твојот Бог.