Броеви 11:1-35 MKDB2006 - Bible AI

1Народот почна гласно да мрмори против Господ; и Господ чу, па Му се разгоре гневот, и меѓу нив пламна оган Господов и започна да го уништува крајниот дел од логорот.

2И повика народот кон Мојсеј; Мојсеј Му се помоли на Господ и огнот прес­тана.

3И го нарекоа тоа место Тавера, зашто меѓу нив беше пламнал оган Гос­подов.

4Придојдените меѓу нив почнаа да негодуваат, а заедно со нив и синовите израелски седнаа, плачеа и велеа: „Кој ќе нѐ нахрани со месо?

5Ја помниме рибата што ја јадевме како подарок во египетската земја, крас­тавиците и дињите, и кромидот, и празот, и лукот;

6а сега душата наша се исушила: освен мана, ништо друго пред очите наши.“

7А маната прилегаше на коријандрово семе и изгледаше како бделиум.

8Народот одеше да ја собира и ја мелеше со рачни мелници или ја тол­чеше во вагани, и ја вареше во котли, па правеше од неа питки; по вкус тие личеа на питулици, приготвени со мас­ло.

9Кога ноќе паѓаше роса врз логорот, тогаш паѓаше и мана врз него.

10И чу Мојсеј дека народот плаче по домовите свои, секој пред вратата од колибата своја; и гневот Господов силно се разгоре, и на Мојсеј му стана тешко.

11И Му рече Мојсеј на Господ: „Зошто го измачуваш Твојот слуга и зошто не најдов јас милост пред очите Твои, па го стави врз мене целото бреме на овој народ?

12Зар јас го носев во утробата своја сиот овој народ, и зар јас го родив, па ми велиш: носи го на раце, како што доилката го носи детето, до земјата, што Ти со клетва им ја вети на предците негови?

13Од каде кај мене месо, па да им дадам на сите овие луѓе, зашто тие плачат пред мене и велат: дај ни месо да јадеме.

14Јас сам не можам да го носам сиот овој народ, зашто тој е претежок за мене.

15Штом така постапуваш со мене, по­добро убиј ме ако сум добил милост пред Твоите очи, па да не ја гледам неволјата своја.“

16И му рече Господ на Мојсеј: „Со­бери ми седумдесет мажи од старе­шините израелски, за кои знаеш дека се негови главатари и надзорници, па доведи ги кај скинијата на собранието, за да застанат таму заедно со тебе.

17Јас ќе слезам и ќе зборувам таму со тебе, ќе земам од Духот, Кој е врз тебе, и ќе им наредам ним, да го носат заедно со тебе бремето на народот, а не ти сам да го носиш.

18А на народот кажи му: очистете се за утрешниот ден, и ќе јадете месо; зашто плачете пред Господ велејќи: — кој ќе не нахрани со месо; добро ни беше во Египет, — затоа Господ ќе ви даде месо, и ќе јадете месо;

19ќе јадете не ден, не два, не пет, не десет и не дваесет дена,

20но цел месец ќе јадете, додека не ви излезе од ноздрите и не ви омрзне, затоа што Го презревте Господа, Кој е меѓу вас, и плачете пред Него, велејќи: — што ни требаше да излегуваме од Египет?“

21И рече Мојсеј: „Шестотини илјади пешаци има во тој народ, среде кој сум јас, а Ти велиш: Јас ќе им дадам месо, и ќе јадат цел месец!

22зар треба да се заколат сите овци и волови, па да им биде доволно? Или ќе се собере сета морска риба, па да ги задоволи?“

23И му рече Господ на Мојсеј: „Зар е раката Господова кратка? Сега ќе видиш, ќе се оствари ли зборот Мој кон тебе, или не!“

24Мојсеј излезе и му ги кажа на народот зборовите Господови, и собра седумдесет постари мажи меѓу старе­шините народни и ги постави околу скинијата.

25И Господ слезе во облак и говореше со него, и зеде од Духот, Кој беше над него, и им даде на седумдесетте мажи старешини. И кога слезе над нив Духот, тие почнаа да пророкуваат, но потоа престанаа.

26Двајца од мажите беа останале во логорот; името на едниот му беше Елдад, а на другиот — Медад; но и над нив беше слегол Духот, и тие пророкуваа во логорот.

27Дотрча едно момче и му јави на Мојсеј, и рече: „Елдад и Медад пророкуваат во логорот.“

28Во одговор на тоа Исус, син Нави­нов, служител на Мојсеј уште од него­вите млади години, рече: „Господаре мој, Мојсеје, забрани им!“

29Но Мојсеј му рече: „Зар завидуваш поради мене? О, да беа сите од народот Господов пророци, и да им го испра­теше Господ Својот Дух!“

30Тогаш Мојсеј се врати во логорот, тој и старешините израелски.

31Потоа дувна ветар од Господ, и до­несе откај морето потполошки и ги натрупа околу логорот на еден ден пат од едната страна и на еден ден пат од другата страна околу логорот, речиси до два лакта од земјата.

32Се крена народот, и целиот оној ден и цела ноќ и целиот иден ден се собираа потполошки; и оној, кој малку собираше, и тој собра десет гомери: и ги наредија околу логорот.

33Месото беше уште во нивните заби и уште не беше изедено, кога се разгоре гневот Господов против народот, и Господ го порази народот со мошне голем пораз.

34И го нарекоа тоа место: Кив­рот-Таава (гробишта на алчноста), зашто таму го погребаа народот, кој се покажа алчен.

35И се кренаа луѓето од Кив­рот-Таа­ва, па појдоа за Хацерот, и во Хацерот се сместија.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>