Броеви 13:1-33 MKDB2006 - Bible AI

1И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2„Испрати од себе луѓе да ја разгледаат хананската земја што Јас им ја давам на синовите израелски во владение: по еден човек од секое колено на предците нивни испратете — првенците меѓу нив!“

3Тогаш Мојсеј ги испрати од пустината Фаран, по заповед Господова, и тие сите беа мажи, старешини на синовите израелски.

4Еве ги имињата нивни: од Рувимово­то колено — Шамуа, Закуровиот син;

5од Симеоновото — Сафат, Хориевиот син;

6од Јудиното колено — Халев, Јефу­неовиот син;

7од Исахаровото колено — Јигал, Јоси­фовиот син;

8од Ефремовото колено — Осија, На­ви­новиот син;

9од Венијаминовото — Палтиј, Ра­фуовиот син;

10од Завулоновото колено — Гадиел, Содиевиот син;

11од Јосифовото колено на синовите Манасиини — Гадиј, Сусиевиот син;

12од Дановото колено — Амиел, синот на Гемалиј;

13од Асировото колено — Сетур, Михаиловиот син;

14од Нефталимовото колено — Нахбиј, Вафсиевиот син;

15од Гадовото колено — Геуел, Махиевиот син.

16Тоа се имињата на мажите што ги испрати Мојсеј да ја разгледаат земјата. И го нарече Мојсеј Осија, Навиновиот син, Исус.

17Ги испрати Мојсеј да ја разгледаат хананската земја и им рече: „Одете во онаа пустина и качете се на планината,

18и погледајте ја земјата каква е, и народот што живее таму: силен ли е или е слаб, малуброен ли е или е многуброен;

19и каква е земјата, каде што живее тој, добра ли е или лоша; и какви се градовите, во кои живее, — оградени ли се или не.

20Каква е земјата, плодна ли е или не, има ли на неа дрвја или нема? Бидете храбри, па земете од плодовите на земјата.“ А тоа беше во времето кога зрее грозјето.

21Тие отидоа и ја разгледаа земјата од пустината Син дури до Рехов, близу до Емат;

22и одејќи по пустината, тие стигнаа до Хеврон, каде што живееја Ахиман, Шешај и Талмај, од родот на Анак; а Хеврон беше изграден седум години порано од египетскиот град Цоан;

23и дојдоа до долината Ешкол, и таму пресекоа прачка со еден грозд, и обајца ја понесоа на стап; зедоа и калинки и смокви;

24тие го нарекоа тоа место Лозова долина (долина Ешкол), поради гроздот што го пресекоа таму синовите израелски.

25И откако ја разгледаа земјата, се вратија по четириесет дена.

26И кога пристигнаа и дојдоа кај Мојсеј и Арон и кај целото општество на синовите израелски во пустината Фаран, во Кадис, тие му донесоа таму и на целиот народ одговор, и им ги покажаа плодовите од онаа земја;

27и му раскажаа и рекоа: „Бевме во земјата, во која нѐ испрати; во неа на­вистина тече мед и млеко, и еве ги плодовите нејзини;

28но народот, кој живее во таа земја, е силен, и градовите се укрепени и многу големи; таму ги видовме и по­томците на родот Анаков.

29Амалик живее во јужниот дел на земјата, а Хитијците, Јевусијците и Аморејците живеат по планината; Ха­нан­ците, пак, живеат крај морето и по брегот на Јордан.“

30Но Халев го успокојуваше народот пред Мојсеј, велејќи: „Да појдеме и да ја преземеме, зашто можеме да ја покориме!“

31А оние што беа оделе заедно со него, рекоа: „Не можеме да одиме против тој народ, зашто е посилен од нас.“

32И протурија ужасни гласови меѓу синовите израелски за земјата што ја беа разгледале и велеа: „Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е земја, која ги голта своите жители, и сите што ги видовме на неа, се многу поголеми.

33И таму видовме огромни луѓе од потомците на родот Анаков; ние изгледавме пред нив како скакулци; такви бевме и во нивните очи.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>