Броеви 14:1-45 MKDB2006 - Bible AI

1 Тогаш целиот народ почна да вика и плачеше целата таа ноќ;

2и сите синови израелски негодуваа против Мојсеј и Арон, и целиот народ им велеше: „О, да бевме умреле во египетската земја, или да бевме изумреле во оваа пустина!

3И зошто Господ нѐ води во таа земја, за да паднеме во борба! Жените наши и децата наши ќе станат плен; не е ли подобро да се вратиме во Египет!“

4Па си велеа едни на други: „Да си избереме старешина, и да се вратиме во Египет.“

5Тогаш Мојсеј и Арон паднаа ничкум пред целото општество на синовите израелски.

6Тогаш Исус, синот Навинов, и Халев, Синот Јефунеов, кои беа од оние што ја беа разгледале земјата, ги раскинаа облеките свои

7и им рекоа на сите собрани синови израелски: „Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е многу, многу добра.

8Ако Господ нѐ сака, ќе нѐ воведе во неа и ќе ни ја даде — таа земја, каде што тече мед и млеко;

9само не бунтувајте се против Господ и не плашете се од народот на таа земја: тој е мал залак за нас; тие немаат заштита, а со нас е Господ; не плашете се од нив.“

10И сиот народ рече: „Да ги убиеме со камења!“ Но славата Господова се јави над скинијата на собранието пред сите синови израелски.

11И му рече Господ на Мојсеј: „До кога ќе Ме огорчува овој народ, и до кога нема да Ми верува и покрај сите знаци што ги извршив Јас меѓу него?

12Ќе го казнам со смрт, ќе го униш­там, и ќе создадам од тебе народ по­многуброен и посилен од овој.“

13Но Мојсеј Му рече на Господ: „Ќе чујат Египќаните, од чија средина Ти со силата Своја го изведе овој народ,

14и ќе им кажат на жителите на таа земја, кои слушнале дека Ти, Господи, си меѓу овој народ, и дека Ти, Господи, им се јавуваш како лице во лице, и Твојот облак стои над нив, и Ти одиш пред нив дење во облаков столб, а ноќе во огнен столб;

15па, ако Ти го уништиш овој народ до последен човек, тогаш сите оние што слушнале за славата Твоја, ќе речат:

16‚Господ, не можејќи да го воведе овој народ во земјата што со клетва му ја вети, го погуби во пустината.‘

17И така, нека се возвеличи силата Твоја, Господи, како што рече, велејќи:

18‚Господ е долготрпелив и многумилостив, Кој ги простува беззаконијата и престапите, и не остава без казна, туку за беззаконијата на предците ги казнува потомците дури до третото и четвртото колено.‘

19Прости им го гревот на овие луѓе поради Твојата преголема милосрдност, како што си му простувал на овој народ од Египет до тука.“

20И рече Господ: „Простувам според зборот твој;

21но жив сум Јас, и целата земја е полна со славата Господова:

22затоа сите оние што ја видоа славата Моја и делата Мои што ги извршив во Египет и во пустината, и Ме иску­шуваа веќе десетпати, и не го послушаа гласот Мој,

23нема да ја видат земјата што со клетва им ја ветив на предците нивни; сите оние што Ме огорчуваа, нема да ја видат;

24но Мојот слуга Халев, поради тоа што во него имаше друг дух, и затоа што Ми беше наполно верен, него ќе го воведам во земјата, во која тој отиде, и неговото потомство ќе ја наследи.

25Амаликијците и Хананците живеат во долината; затоа утре вратете се и одете во пустината кон Црвеното Море!“

26И им рече Господ на Мојсеј и на Арон, велејќи:

27„До кога овој лош народ ќе негодува против Мене? Јас го слушам негодувањето на синовите израелски што го упатуваат против Мене.

28Кажи им: Жив сум Јас, вели Господ — како што вие Ми говоревте во ушите Мои, така ќе ви направам и Јас вам;

29во оваа пустина ќе паднат телата ваши, и сите вие преброени, колку што сте на број, од дваесет години и нагоре што се буните против Мене,

30нема да влезете во земјата, во која Јас со крената рака решив да ве населам, освен Халев, Јефунеовиот син, и Исус, Навиновиот син;

31децата ваши, за кои велевте дека ќе станат плен, ќе ги воведам таму, и тие ќе ја познаат земјата што вие ја презревте;

32а вашите трупови ќе паднат во оваа пустина;

33синовите ваши, пак, ќе скитаат по пустината четириесет години и ќе страдаат, носејќи го вашиот грев сѐ до­дека не загинат телата ваши во пустинава;

34според бројот на четириесетте дена, во кои ја разгледувавте земјата, вие ќе страдате за гревовите ваши четириесет години, година за ден, па да разберете што значи да бидете напуштени од Мене.

35Јас, Господ, ви велам дека така и ќе постапам со сиов овој народ, востанат против Мене: во оваа пустина сите ќе изгинат и ќе изумрат.“

36И оние, кои Мојсеј ги испрати да ја разгледаат земјата и, кои по враќањето свое, се побунија пред сиов овој народ против него, ширејќи лоши гласови за земјата,

37оние што ширеа лоши гласови за зе­мјата, умреа, казнети пред Господ;

38само Исус, синот Навинов, и Халев, синот Јефунеов, останаа живи од оние мажи, кои беа отишле да ја разгледаат земјата.

39И ги кажа Мојсеј тие зборови пред сите синови израелски, а народот многу се разжалости.

40И кога станаа рано утредента, се искачија на врвот од планината, ве­лејќи: „Ете, ќе отидеме на она место, за кое Господ рече, бидејќи згрешивме.“

41Но Мојсеј рече: „Зошто ја пренебрегнувате заповедта Господова? Нема да успеете:

42не одете горе, бидејќи Господ не е меѓу вас; и ќе паднете од непријателите ваши,

43зашто таму пред нас се Амали­кијците и Хананците, и ќе паднете од нож, зашто не Му се покоривте на Гос­под, и Господ нема да биде со вас.“

44Но тие решија и се искачија на вр­вот од планината; а ковчегот на заветот Господов и Мојсеј не се одделија од логорот.

45И слегоа Амаликијците и Ханан­ците што живееја на онаа планина, ги разбија и ги гонеа дури до Хорма.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>