Броеви 17:1-28 MKDB2006 - Bible AI

1И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2„Кажи му на Елеазар, синот на свештеникот Арон, да ги собере кадилниците на изгорените и огнот да го исфрли, бидејќи тие се осветија,

3кадилниците на овие грешници по­ра­ди нивната смрт, да се сплескаат на листови за оковување на жртвеникот, зашто тие ги донесоа пред лицето Гос­подово, и затоа се осветија; и тие ќе бидат опомена за синовите на Израел.“

4Тогаш свештеникот Елеазар, ги зеде бакарните кадилници што ги беа донеле изгорените, и ги сплескаа на листови за оковување на жртвеникот,

5за да помнат синовите израелски, па никој надворешен, кој не е од Аро­новото семе, да не принесува темјан пред Господ, за да не стане и со него она што стана со Кореј и соучесниците негови, како што му беше рекол Господ преку Мојсеј.

6На вториот ден целото општество на синовите израелски се побуни против Мојсеј и Арон и рече: „Вие го униш­тивте народот Господов.“

7И кога се собра народот, за да ги нападне Мојсеј и Арон, тие се свртеа кон скинијата на собранието, и ете, ја покри облак и славата Господова се јави.

8И се приближија Мојсеј и Арон кон скинијата на собранието.

9И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

10„Отстранете се од тие луѓе и Јас во еден миг ќе ги погубам!“ Но тие паднаа на колена.

11И му рече Мојсеј на Арон: „Земи ја кадилницата, стави во неа оган од жртвеникот, сипи темјан и носи го тоа што побрзо кај народот и помоли се за нив, зашто гнев излезе од лицето на Господ, и почна да ги погубува луѓето.“

12И направи Арон, како што рече Мојсеј, и се најде кај народот, и ете веќе почна помор меѓу народот. И тој исипа темјан и се помоли за народот:

13застана меѓу мртвите и живите, и поморот престана.

14Изумреа од поморот четиринаесет илјади и седумстотини души, освен умрените по делото на Кореј.

15Тогаш Арон се врати кај Мојсеј, при влезот од скинијата на собранието, откако престана поморот.

16И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи:

17„Кажи им на синовите израелски и земи од нив по еден жезол од колено, по еден жезол од секој нивни кнез, дванаесет жезла, и името на секој напиши го на жезолот;

18Ароновото име напиши го на Ле­виевиот жезол, зашто тие треба да да­дат еден жезол, според племето на нив­ниот род,

19и стави ги во скинијата на собранието, пред ковчегот на заветот, каде што ви се јавувам;

20и кого Јас ќе го одберам, неговиот жезол ќе расцути; и така ќе го от­странам незадоволството на синовите израелски што го креваат против вас.“

21И им рече Мојсеј на синовите на Израел, и сите началници нивни им дадоа, од секој началник по еден жезол, дванаесет жезла, според кнежествата свои и родовите нивни; и Ароновиот жезол беше меѓу жезлата нивни.

22Тогаш Мојсеј ги постави жезлата пред лицето Господово во скинијата на собранието.

23На вториот ден влезе Мојсеј во скинијата на собранието, и ете, Аро­новиот жезол, од Левиевиот дом, беше напупил, расцветал и родил бадеми.

24И ги изнесе Мојсеј сите жезла од лицето Господово пред сите синови на Израел; и тие го видоа тоа и секој си го зеде својот жезол.

25И му рече Господ на Мојсеј: „Пос­тави го пак Ароновиот жезол пред ковчегот на заветот да се чува, како опомена за непокорните, па ропотот про­тив Мене да престане и тие да не умираат.“

26И Мојсеј го направи тоа; како што му заповеда Господ, така направи.

27И му рекоа синовите израелски на Мојсеј: „Ете, ние умираме, гинеме, сите ќе изумреме;

28секој, кој се приближува кон скинијата Господова, умира: дали ќе изумреме така сите?“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>