Броеви 20:1-29 MKDB2006 - Bible AI

1Тогаш синовите на Израел, цело­то општество, дојдоа во пустината Син во првиот месец, и народот се улогори во Кадис; таму умре Мирјам, каде што беше и погребана.

2За народот немаше вода, и тие се побунија против Мојсеј и Арон;

3и негодуваа против Мојсеј, велејќи: „О, да бевме умреле и ние тогаш, кога умреа нашите браќа пред Господ!

4Зошто го доведовте народот Госпо­дов во оваа пустина, па да изумреме тука — ние и добитокот наш?

5И зошто нѐ изведовте од Египет, па нѐ доведовте на ова лошо место, каде што не може да се сее, каде што нема ни смокви, ни лозја, ни калини, дури ни вода за пиење?“

6Тогаш Мојсеј и Арон се повлекоа од народот, кон влезот од скинијата на собранието, и паднаа ничкум, и им се јави славата Господова.

7И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

8„Земи го жезолот свој и собери го народот, ти и братот твој Арон, и пред очите нивни кажете ѝ на карпата и таа ќе пушти од себе вода: и така, ти ќе им дадеш вода од карпата и ќе го напоиш народот и добитокот негов.“

9Го зеде Мојсеј жезолот што е пред Господ, како што му заповеда Тој.

10И го собраа Мојсеј и Арон народот кај карпата и тој им рече: „Чујте ме, непокорници, зар може од оваа карпа да ви извадиме вода?“

11И ја крена Мојсеј раката своја и удри двапати на карпата со жезолот свој, и потече многу вода, и народот се напи, а и добитокот негов.

12И им рече Господ на Мојсеј и на Арон: „Поради тоа што не Ми поверувавте, и не ја засведочивте Мојата светост пред очите на синовите израелски, вие нема да го воведете тој народ во земјата, што Јас му ја давам.“

13Тоа е водата Мерива[2], кај која синовите израелски влегоа во кавга со Господ, и Тој ја покажа пред нив Својата светост.

14И испрати Мојсеј пратеници од Кадис до едомскиот цар за да му кажат: „Вака вели братот твој Израел: ти ги знаеш сите тешкотии што нѐ снајдоа;

15татковците наши слегоа во Египет, и ние живеевме во Египет долго време, и Египќаните лошо постапуваа со нас и со предците наши;

16и повикавме кон Господ, и Тој го чу нашиот глас, па испрати ангел, и нѐ изведе од Египет; и ете, ние сме сега во Кадис, град до самите твои предели.

17Дозволи ни да минеме преку твојата земја: нема да одиме преку ниви, ниту преку лозја, и нема да пиеме вода од кладенците твои: туку ќе одиме по главниот пат, и нема да скршнуваме ни десно, ни лево, додека да ги минеме твоите предели.“

18Но Едом им рече: „Не минувајте преку мојата земја, зашто со војска ќе излезам против вас.“

19И му рекоа синовите израелски: „Ќе одиме по патот, и ако пиеме од водата твоја, јас и добитокот мој, ќе платиме за неа; ништо друго не бараме — само пешки да поминеме.“

20Но тој рече: „Не минувајте!“ И Едом излезе против нив со многуброен народ и со голема сила.

21И така, Едом не му дозволи на Израел да мине преку неговите предели. И Израел се повлече од него.

22И се кренаа синовите израелски од Кадис, и целиот народ стигна до планината Ор.

23И им рече Господ на Мојсеј и на Арон на планината Ор, близу до пределите на едомската земја, велејќи:

24„Нека умре Арон при народот свој, зашто тој нема да влезе во земјата, која Јас им ја давам на синовите на Израел, затоа што Ме огорчивте кај водата Мерива.

25И земи го Арон и синот негов Елеазар, и искачи ги на планината Ор;

26и соблечи ја од Арон облеката негова и облечи го со неа синот негов Елеазар, и нека замине Арон и нека умре таму!“

27И направи Мојсеј така, како што заповеда Господ. Тие се искачија на пла­нината Ор пред очите на целото општество,

28и ја соблече Мојсеј облеката од Арон и го облече со неа синот негов Елеазар. И умре таму Арон на врвот од планината, а Мојсеј и Елеазар слегоа од планината.

29И целото општество виде дека Арон умре, и целиот израелски народ го оплакуваше Арон триесет денови.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>