Броеви 21:1-35 MKDB2006 - Bible AI

1Еден од хананските цареви, — царот на Арад, кој живееше на југ, кога чу дека Израел доаѓа по патот откај Атарим, стапи во борба против Израелците и зароби неколкумина од нив.

2И се заколна Израел пред Господ, и рече: „Ако го предадеш овој народ во рацете мои, ќе фрлам проклетство врз него и ќе ги истребам градовите нивни, и ќе ги уништам.“

3Господ го чу гласот на Израел и ги предаде Хананците во рацете негови, и падна проклетство врз нив, и градовите негови ги опусти, а местото го нарече: Хорма[3].

4Од планината Ор тие тргнаа кон Црвено Море, за да ја заобиколат земјата Едом. И по патот народот се обес­храбри;

5и зборуваа луѓето против Бога и против Мојсеј: „Зошто нѐ изведе од Еги­пет, па да умреме во пустинава: тука нема ни леб, ни вода, а во душата ни омрзна таа лоша храна?“

6И испрати Господ против народот отровни змии, кои го касаа народот, и многу луѓе изумреа од синовите израелски.

7И дојде народот кај Мојсеј и рече: „Згрешивме кога се побунивме против Господ и против тебе; помоли Му се на Господ да ги отстрани од нас змиите.“ И Мојсеј се помоли за народот.

8И му рече Господ на Мојсеј: „На­прави змија и закачи ја на стап, каснатиот штом ќе ја погледне, ќе остане жив.“

9И направи Мојсеј бакарна змија и ја закачи на стап, и кога некоја змија ќе каснеше некој човек, тој штом ќе ја погледнеше бакарната змија, останува­ше жив.

10И тргнаа синовите израелски и се улогорија во Овот;

11се кренаа и од Овот, и застанаа во Ије-Аварим, во пустината спроти Мо­ав, која е на исток.

12Оттаму тргнаа и дојдоа во долината Зеред;

13заминувајќи оттука, се настанија од другата страна на Арнон, кој тече низ пустината, а доаѓа од пределите на Аморејците; бидејќи Арнон е границата на Моав, меѓу Моав и земјата на Амо­рејците.

14Затоа е и речено во Книгата за вој­ните Господови: „Ваев во Суфа и притоките на Арнон,

15и базенот на реките што се протега кон Шевет-Ар и оди по должината на границата со Моав.“

16Оттука тргнаа кон Беер, а тоа е оној кладенец, за кој Господ му рече на Мојсеј: „Собери го народот и ќе им дадам вода.“

17Тогаш Израел ја запеа песната: „Извирај, кладенче! Пејте за кладе­нецот!

18За кладенецот што го ископаа кнезовите што народните водачи го отво­рија со жезлата свои, со патериците свои.“ И од пустината тргнаа кон Ма­тана.

19Од Матана кон Нахалиел, од Наха­лиел, кон Бамот;

20а од Бамот за долината што е во моавската земја, кон врвот на Фазга кој доминира над пустината.

21И прати Израел пратеници кај Си­хон, царот на Аморејците, за да му ка­жат:

22„Дозволи ни да минеме преку твојата земја; нема да навлегуваме во нивите и во лозјата, и нема да пиеме вода од твоите кладенци, туку ќе одиме по глав­ниот пат, додека да ги минеме пределите твои.“

23Но Сихон не му дозволи на Израел да мине преку пределите негови; и го собра Сихон целиот свој народ и излезе против Израел во пустината, и стигна до Јахца и се судри со Израел.

24И го победи Израел со меч и завладеа со земјата негова од Арнон до Јавок, дури до Амоновите синови, бидејќи границата на Амоновите сино­ви е силно утврдена.

25И ги зазеде Израел сите тие гра­дови, и се насели Израел во сите гра­дови на Аморејците: во Есевон и во сите нему потчинети;

26зашто Есевон беше град на царот на Аморејците Сихон, кој војуваше против поранешниот моавски цар и ја беше одзел од рацете негови целата земја негова дури до Арнон.

27Затоа велат поетите: „Дојдете во Есевон, нека се изгради и утврди градот на Сихон;

28бидејќи оган излезе од Есевон, пламен од градот Сихонов и ги изгоре непријателите на Моав, господарите на височините арнонски.

29Тешко тебе, Моаве! Пропадна на­ро­де Хамосов! Синовите твои бегалци станаа, а ќерките — робинки на Сихон, царот аморејски.

30Ги поразивме со стрели: се затре од Есевон дури до Дивон, сѐ уништивме до Нофах што е близу до Медева.“

31И се насели Израел во земјата на Аморејците.

32И испрати Мојсеј да го разгледаат Јазер, па ги зазедоа населбите негови, и ги изгонија Аморејците што живееја таму.

33Тогаш се повратија и појдоа кон Башан. И излезе против нив башан­скиот цар Ог, самиот тој и целиот народ негов, за да се судри со нив кај Едреи.

34И му рече Господ на Мојсеј: „Не плаши се од него, зашто Јас ќе ти го предадам во рацете твои — него и целиот народ негов и целата земја негова, и ќе постапиш со него, онака како што постапи со аморејскиот цар Сихон, кој живееше во Есевон.“

35И го поразија него и синовите негови и целиот народ негов, така што ниеден од нив не остана; и ја покорија земјата негова.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>