Броеви 23:1-30 MKDB2006 - Bible AI

1Тогаш Валаам му рече на Валак: „Изгради ми овде седум жртве­ници и приготви ми седум телиња и седум овни.“

2Валак направи така, како што рече Валаам; и принесоа Валак и Валаам по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.

3И му рече Валаам на Валак: „Заста­ни при својата сепаленица, а јас ќе појдам; можеби ќе се јави Господ пред мене, и што ќе ми открие, ќе ти ка­жам.“ И замина на осамено место.

4И му се јави Бог на Валаам, а Ва­лаам Му рече: „Јас подигнав седум жрт­веници и принесов по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.“

5И му вложи Господ збор во устата на Валаам и рече: „Врати се при Валак и речи вака.“

6И се врати при него, а тој стоеше при својата сепаленица, тој и сите моавски кнезови.

7И ја изусти оваа своја песна: „Од Арам ме натера Валак да дојдам, од источните планини царот моавски ме повика: дојди, проколни ми го Јаков, и дојди, проколни ми го Израел!

8Како да проколнам некого кога Бог не го проколнува? Како да прокажам некого кога Бог не прокажува?!

9Од врвот на карпите го гледам, од ридовите го набљудувам: ете народ кој живее осамен и не се вбројува меѓу на­ро­дите.

10Кој ќе го изброи семето на Јаков и кој ќе го пресмета бројот на народот израелски. Да умре душата моја, како што умираат праведниците, и крајот мој да биде како нивниот!“

11И му рече Валак на Валаам: „Што ми направи? Јас те повикав да ги про­колнеш непријателите мои, а пак ти, ете, ги благословуваш.“

12Тој одговори и рече: „Не требаше ли да го кажам токму она што Господ го вложи во устата моја?“

13И Валак му рече: „Дојди со мене на друго место, од каде што ќе видиш, но само дел од него ќе видиш, а нема це­лиот да го видиш; и проколни ми го оттаму.“

14И го одведе на едно стражарско место на врвот од Фазга, и изгради таму седум жртвеници, и принесе по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.

15И му рече Валаам на Валак: „Стој тука при сепаленицата своја, јас, пак, ќе одам понатаму да чекам.“

16И го сретна Бог Валаам, и му вло­жи слово во устата негова, па рече: „Врати се кај Валак и кажи му така.“

17И се врати кај него, а тој стоеше при својата сепаленица, а заедно со него и сите моавски кнезови. И му рече Ва­лак: „Што вели Господ?“

18Тој го започна своето кажување и рече: „Стани Валак, слушај и внимавај, сине Ципоров!

19Бог не е човек, та да се колеба, ниту е син човечки, па да се изменува. Што ќе каже, па да не го изврши, или што ќе рече, па да не се збидне?

20Ете, доведен сум да благословувам: ќе благословувам, и никако поинаку.

21Не се гледа мака кај Јаков, и не се гледа несреќа во Израел; Господ Бог е со него, и борбениот царски повик е со него.

22Бог го изведе од Египет: тој е брз како еднорог:

23нема магии кај Јаков, нема вол­шепства во Израел; некогаш ќе речат за Јаков и за Израел: ете што направи Бог!

24Ете, еден народ се подигна како лавица и се исправи како лав; нема да легне, додека не го изеде пленот свој и додека не се напие од крвта на победе­ните.“

25И му рече Валак на Валаам: „Ни со клетва не го проколнувај, ни со бла­гослов не го благословувај.“

26И одговори Валаам и му рече на Валак: „Нели ти реков — што ќе рече Гос­под, тоа и ќе го извршам.“

27И му рече Валак на Валаам: „Дојди, ќе те одведам на друго место; ќе Му биде секако угодно на Бога, и оттаму ќе ми го проколнеш.“

28И го поведе Валак Валаама на вр­вот од Фегор што се протега спрема пустината.

29И му рече Валаам на Валак: „Из­гради ми овде седум жртвеници и при­готви ми седум телиња и седум овни.“

30И Валак направи, како што му рече Валаам, и принесе по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>