Броеви 24:1-25 MKDB2006 - Bible AI

1Валаам виде дека на Господ Му е пријатно да го благословува Из­раел и не го бараше, како порано, на Божјото откровение, туку само го сврте лицето кон пустината,

2и погледна Валаам и го виде Израел, како се беше сместил со племињата свои, а Духот Божји беше на него.

3И започнувајќи ја својата беседа, рече: „Говор на Валаам, синот Беоров, говор на тој што ја гледа вистината.

4Пророштво на оној, кој ги слуша зборовите Божји; оној кој ги гледа виде­нијата на Семоќниот, оној кој паѓа во екстаза и очите му се отвораат.

5Колку се убави домовите твои, Ја­кове, и живеалиштата твои, о Израеле!

6Тие се распростираат како потоци, како градини крај река, како миризливи дрвја насадени од Господ, како кедри крај вода;

7се излева водата од ведрата негови, семето негово обилно е натопено, него­виот цар е поголем од Агаг, цар­ството негово се воздига.

8Бог го изведе од Египет; брзината на еднорогот е во него, ги проголтува на­ро­дите што се против него, ги крши кос­ките нивни и со стрелите свои го по­разува.

9Легнал тој како лав и како леопард; кој ќе го разбуди? Благословен да биде, оној што те благословува и проклет — оној што те проколнува!“

10Се разгневи Валак против Валаам, и плесна тој со рацете свои, па му рече на Валаам: „Јас те повикав да ги про­колнеш непријателите мои, а ти ги бла­гословуваш еве веќе по третпат;

11бегај, пак, во земјата своја; јас сакав да ти искажам почит, но, ете, Господ те лишува од почестите.“

12И му рече Валаам на Валак: „Нели им реков на твоите пратеници што ми ги испрати:

13‚Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со сребро и злато, не би можел да ја прекршам заповедта Гос­подова, за да направам нешто добро или лошо по своја волја: она што ќе ми рече Господ, тоа и ќе го кажувам?‘

14И така, ете, јас си одам во своето место, но приближи се, за да ти кажам и да те посоветувам што ќе направи по извесно време овој народ со твојот народ.“

15И го раскажа видението свое, ве­лејќи: „Пророштво на Валаам, синот Бе­о­ров, пророштво на човекот со отво­рено око,

16пророштво на оној кој ги слуша збо­ровите Божји, кој ги знае тајните на Се­вишниот, ги гледа виденијата на Семоќ­ниот, паѓа во екстаза и очите му се от­во­раат.

17Го гледам, но не е тоа сега, го посматрам, но не одблиску. Ѕвезда од Јаков се издига и жезол од Израел; тој ќе ги поразува кнезовите моавски и ќе ги ништи сите синови Ситови.

18И Едом ќе стане негов посед, а Сеир — негово наследство; Израел ќе ја покаже силата своја.

19Произлезениот од Јаков ќе завладее и ќе ги погуби преживеаните од гра­дот.“

20И погледна кон Амалик, и го кажа своето пророштво, велејќи: „Амалик е прв меѓу народите, но семето негово ќе се затре.“

21И погледна кон Кениј, и пророкува, велејќи: „Силно е твоето живеалиште, на камен си го свил своето гнездо,

22но тоа ќе биде изгорено, Асирците ќе те заробат.“

23И пак го започна своето пророш­тво, и рече: „Тешко, тешко, кој ќе ос­тане жив, кога Бог ќе го направи тоа.

24Ќе дојдат бродови од брегот на Китим; ќе го потисне Ашур, ќе го потчини и Евер, но и него гибел го чека.“

25И стана Валаам и се врати во местото свое, а исто така и Валак отиде по патот свој.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>