Броеви 36:1-13 MKDB2006 - Bible AI

1Дојдоа старешините на семејствата од родовите на синовите на Галаад, потомци на Махир, син Мана­сиев, од племињата на Јосифовиот на­род, и говореа пред Мојсеј и пред кнезовите, старешини од родовите на си­новите израелски,

2па рекоа: „Господ му заповеда на господарот наш да им дадеме земја во дел на синовите израелски со ждрепка, и на господарот наш му е заповедано од Господ, делот на Салпаад, наш брат, да им го дадеме на ќерките негови;

3ако, пак, тие се омажат за синови од некое друго израелско племе, тогаш нивниот дел ќе се одземе од делот на татковците наши и ќе се додаде кон делот на она племе, во кое тие ќе бидат омажени; и така ќе се одземе наследството нивно од делот, кој ни се падна со ждрепка нам;

4а кога кај синовите на Израел ќе има јубилејна година, делот нивни ќе се до­даде кон делот на она племе, во кое тие ќе бидат омажени — делот нивни ќе се одземе од делот на татковото ни пле­ме.“

5Тогаш Мојсеј им заповеда на сино­вите на Израел, според повелбата Гос­подова, и рече: „Право говори племето на Јосифовите потомци:

6еве, како заповеда Господ за Салпаа­довите ќерки: тие можат да бидат жени на оние што ќе им се допаднат, но можат да се омажат само со човек од племето од татковиот им род,

7за да не минува делот на синовите израелски од едно племе во друго — зашто секој од синовите на Израел треба да биде приврзан кон делот од племето на неговите предци;

8и секоја ќерка, која наследува дел во племето на синовите израелски, треба да стане жена на некого од племето на татковиот си род, та секој од синовите на Израел да го наследува делот на своите предци;

9и да не минува делот од едно племе во друго; туку секое израелско племе ќе остане приврзано кон делот од племето на неговите предци.“

10Како што му заповеда Господ на Мојсеј, така и направија Салпаадовите ќерки.

11Затоа Салпаадовите ќерки Махла, Тирца, Хогла, Милка и Ноа се омажија со синовите од своите стриковци;

12тие се омажија во племето од по­томците на Манасија, Јосифов син, и нивниот дел остана во племето на нивниот татко.

13Тоа се заповедите што Господ им ги даде на синовите израелски преку Мој­сеј во Рамнините Моавски, кај Јордан, спроти Ерихон.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>