Броеви 6:1-27 MKDB2006 - Bible AI

1И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2„Кажи им на синовите израелски и речи им: ако маж или жена даде завет за назирство и Му се посвети на Господ како назир,

3тој треба да се воздржува од вино и од секаков друг алкохолен пијалак, и од вински оцет, и од оцет од друг алкохол, и не смее да пие ништо приготвено од грозје, а не смее да јаде ни свежо, ниту суво грозје;

4во сите денови на својот завет тој не смее да јаде ништо што е приготвено од грозје, — од семките до лушпите.

5Во сите денови на неговиот завет за назирство брич не смее да ја допира главата негова; додека да минат де­новите, во кои Му се посветил на Господ како назир, тој е свет; треба да остави слободна да расте косата на неговата глава.

6Во сите денови, во кои Му се посветил на Господ, тој не смее да се доближува до мртво тело;

7тој не смее да се осквернува ни со допир до таткото свој и мајката своја, до братот свој и сестрата своја, кога ќе умрат, зашто заветот на Бога е врз главата негова;

8во сите денови на неговиот завет нека биде свет пред Господ.

9Ако некој кај него умре ненадејно, и со тоа се оскверни неговата посвета во назирство, да ја истриже главата своја во денот на своето очистување, на седмиот ден да ја истриже,

10а во осмиот ден да му однесе на свештеникот при влезот од скинијата на собранието две грлици или два млади гулаба.

11Свештеникот да принесе една од птиците како жртва за грев, а другата за сепаленица, и ќе го очисти од осквернувањето со мртвото тело, и ќе ја освети главата негова во тој ден,

12и тој одново треба да ги почне на Господ посветените денови на своето назирство и да принесе едногодишно јагне како жртва за вина; поранешните, пак, денови да не се сметаат, зашто назирството негово било осквернето.

13Ова е законот за назирот: во оној ден кога ќе завршат деновите на него­вото назирство, нека го доведат пред влезот од скинијата на собранието,

14и тој да принесе жртва на Господ едно едногодишно машко јагне без недостаток за сепаленица, и едно женско јагне без недостаток како жртва за грев и еден овен без недостаток како жртва за мир,

15и кошница со лебови без квас од пченично брашно, и лебови месени со масло, и бесквасни питки помазани со масло и лебен принос со нив и прелив.

16И свештеникот да го донесе тоа пред Господ и да ја принесе жртвата негова за грев и сепаленицата негова;

17овенот да Му го принесе на Господ како жртва за мир заедно со кошницата бесквасни лебови; исто така свеште­ни­кот да го принесе лебот и преливот за него.

18А при влезот од скинијата на собранието назирот да ја истриже својата посветена глава, и да ја стави косата од својата посветена глава на огнот што е под жртвата за мир.

19И да земе свештеникот една сварена плешка од овенот, една бесквасна питка од кошницата и еден леб и да ги стави во рацете на назирот, откако тој ќе ја истриже својата глава;

20и да го издигне тоа свештеникот, нишајќи го пред Господ; тоа е светиња за свештеникот заедно со нишканите гради и издигнатата плешка. Потоа назирот може да пие вино.

21Тоа е законот за назирот, кој Му се посветил на Господ, и жртвата што Му ја принесува на Господ за неговиот завет, без да се смета она што може повеќе да даде: според заветот свој што го дал, така треба и да направи, заедно со озаконетото за неговото назирство.“

22И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи:

23„Кажи му на Арон и на синовите негови: така да ги благословувате си­новите израелски и да им говорите:

24да те благослови Господ и да те чува!

25да погледне кон тебе Господ со све­т­лото Свое лице и да те помилува;

26да го сврти Господ кон тебе лицето Свое и да ти даде мир!

27Така да го повикувате името Мое над синовите Израелови, и Јас ќе ги благословам.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>