Галатјаните 4:1-31 MKDB2006 - Bible AI

1Но ви велам: наследникот, додека е млад, со ништо не се разликува од робот, макар што е господар над сѐ;

2туку е под настојници и чувари до определениот рок од неговиот татко.

3Па така и ние, додека бевме мало­лет­ни, бевме поробени од стихиите на светот;

4но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот,

5за да ги откупи оние што се под За­кон, та да го примиме посинувањето.

6А бидејќи вие сте синови, Бог Го испрати Духот на Својот Син во срцата ваши, Кој вика: Ава, Оче!

7Затоа не си веќе роб, туку син; ако си, пак, син, тогаш си и наследник Бож­ји преку Исус Христос.

8Но тогаш, бидејќи Бога не Го познававте, им служевте на богови кои по својата природа не се богови;

9а сега, откако Го познавте Бога, или, подобро, откако Бог ве позна, како сега повторно се враќате кон слабите и бедни стихии, на кои сакате одново да им служите?

10Внимавате на деновите, месеците, времињата, годините.

11Се плашам за вас, да не сум се тру­дел меѓу вас попусто.

12Ве молам, браќа, станете како мене, затоа што и јас станав како вас. Вие со ништо не сте ме навредиле:

13знаете дека, кога за првпат ви про­поведав, бев телесно немоќен,

14и при сето тоа, вие не го презревте искушението на моето тело, ниту се погнасивте од него, туку ме примивте како ангел Божји, како Исус Христос.

15Каде ви е сега радоста ваша? Сведо­чам за вас дека кога би било можно, и очите свои би ги извадиле и би ми ги дале.

16И затоа ли станав ваш непријател, бидејќи ви ја зборував вистината?

17Тие не ревнуваат за вас добро, туку сакаат да ве одвојат од мене, та вие за нив да ревнувате.

18Добро е секогаш да ревнувате во доброто, а не само кога сум меѓу вас.

19Чеда мои, за кои сум пак во родилни маки, додека не се обликува во вас Исус Христос,

20сега би сакал да бидам меѓу вас и да ви се обратам со поинаков тон, бидејќи сум во недоумица за вас.

21Кажете ми, вие, што сакате да би­дете под Законот: зарем не го слушате Законот?

22Зашто е напишано дека Авраам имаше двајца синови, еден од слугинката, а друг од слободната.

23Но оној што беше од слугинката, се роди по тело; а оној што беше од сло­бод­ната — по ветување.

24А ова е речено сликовито: двете жени се двата завета: едниот од Синај­ската Гора, која раѓа за ропство; а тоа е Агара.

25Бидејќи Агара значи Синајска Гора во Арабија, а соодветствува на сегаш­ни­от Ерусалим и робува со децата свои;

26а горниот Ерусалим е слободен: тој е мајка на сите нас.

27Зашто е напишано: „Развесели се неплодна, ти што не раѓаш; воскликни и извикај ти, која не си искусила поро­дилни маки; бидејќи напуштената има многу повеќе деца од онаа која има маж.“

28Вие, пак, браќа, сте како Исак, чеда на ветувањето.

29Но, како што тогаш, оној што се роди по тело, го гонеше родениот по дух, така е и сега.

30А што зборува Писмото? „Истерај ја робинката и синот нејзин, зашто си­нот на робинката нема да биде наследник заедно со синот на слободната!“

31И така, браќа ние не сме деца на ро­бинката, туку на слободната.

e>