Даниел 2:1-49 MKDB2006 - Bible AI

1Во втората година од царувањето свое Навуходоносор сони сон, од кој духот му се вознемири и не можеше да спие.

2Па заповеда царот да ги повикаат гатачите и гледачите, маѓесниците и волшебниците за да му го протолкуваат сонот. Тие дојдоа и застанаа пред царот.

3И им рече царот: „Сонив сон и духот ми се вознемири — сакам да знам што значи тој сон.“

4Тогаш Халдејците му рекоа на ца­рот на арамејски јазик: „Царе, да си жив довека, кажи им го на слугите својот сон и ние ќе ти објасниме што значи тој.“

5Одговори царот и им рече на Хал­дејците: „Сонот го заборавив; ако не ми го кажете сонот и што означува тој, ќе бидете исечени на парчиња, и куќите ваши ќе бидат претворени во урнатини;

6ако, пак, ми го кажете сонот и што означува тој, од мене ќе добиете дарови, награда и голема чест; па кажете ми го сонот и што значи тој!“

7Тие повторно одговорија и рекоа: „Царот нека им го каже на слугите сво­јот сон и ние ќе објасниме што значи тој.“

8Одговори царот и рече: „Гледам дека вие сакате да добиете во време, за­што гледате дека мојата одлука е неотповиклива.

9Бидејќи не ми го кажувате сонот, вие секако имате некоја намера: се гот­вите да ми кажете лага и измама, додека мине времето; но кажете ми го сонот и тогаш ќе знам дека вие можете да ми објасните и што значи тој.“

10Халдејците му одговорија на царот и рекоа: „На земјата нема човек што може да му го открие на царот сонот, и затоа ниеден цар, колку и да е голем и силен, не побарал нешто слично од ни­еден маѓесник, гледач или волшебник;

11сонот, што го бара царот, е толку тежок, што никој друг не може да му го открие на царот, освен боговите, кои не живеат со смртниците.“

12Царот се разгневи и збесна многу поради тој одговор, па заповеда да ги истребат сите вавилонски советници.

13Кога излезе таа заповед да се убиваат советниците, го побараа Даниел и другарите негови за да ги убијат.

14Тогаш Даниел се обрати со прет­пазливост и мудрост кон Ариох, начал­ни­кот на царските телохранители, кој бе­ше излезен да ги убива вавилонските советници,

15и го праша Ариох: „Зошто таква страшна заповед од царот?“ Тогаш Ариох му ја објасни на Даниел целата случка.

16Даниел појде кај царот и измоли да му даде време за да му го каже на царот толкувањето на сонот.

17Даниел отиде дома и им ја кажа ра­ботата на своите другари Ананија, Мисаил и Азарија,

18за да измолат милост од Небесниот Бог за таа тајна, па Даниел и другарите негови да не загинат заедно со другите вавилонски советници.

19И тогаш тајната му беше откриена на Даниел во ноќно видение, и Даниел Го благослови Небесниот Бог.

20И рече тогаш Даниел: „Нека е бла­гословено името на Господ од века и довека, зашто во Него има мудрост и сила.

21Тој ги контролира времињата и годините, соборува цареви и поставува цареви, дава мудрост на мудри и знаење на разумни.

22Тој открива што е длабоко и сокриено, знае што има во темнината и светлината живее со Него.

23Те прославувам и величам, Боже на татковците мои, затоа што ми даде мудрост и сила и ми го откри она, за што Те молевме; зашто Ти ни го откри сонот на царот.“

24Потоа Даниел отиде кај Ариох, кому царот му беше заповедал да ги убие вавилонските советници, влезе и му рече: „Не убивајте ги вавилонските советници; одведи ме кај царот и јас ќе му откријам што значи сонот.“

25Тогаш Ариох веднаш го одведе Даниел кај царот и му рече: „Меѓу заробените синови на Јуда најдов човек кој може да му открие на царот што значи сонот.“

26Царот му рече на Даниел, кој беше преименуван во Валтазар: „Можеш ли да ми го кажеш сонот што го видов и што значи тој?“

27Даниел му одговори на царот и рече: „Тајната за која царот прашува не можат да му ја откријат на царот ни мудреците, ни маѓесниците, ни јасновидците, ни гледачите.

28Но на небесата има Бог, Кој открива тајни; и Тој ќе му открие на царот Навуходоносор сѐ што ќе се збидне во последните денови.

29Ти царе, на леглото свое размислуваше за она што ќе се случи во иднина, и Оној Кој открива тајни, ти покажа што ќе се случи.

30А мене таа тајна ми се откри не затоа што сум помудар од сите живи, туку за да му биде откриена на царот смислата, и за да ги разбереш мислите што ти дојдоа во срцето.

31Твоето видение, царе, беше вакво; ете, некаков си голем, огромен лик, стоеше пред тебе во голема светлина, и изгледот му беше страшен.

32Главата на тој лик му беше од чисто злато, градите и рацете од среб­ро, додека стомакот и бедрата негови беа бакарни.

33Потколениците железни, а нозете делумно железни, делумно глинени.

34Додека го гледаше, еден камен се откачи од планината сам, удри во идо­лот, во неговите железно — глинени нозе и го скрши.

35Тогаш заедно сѐ се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби идолот стана голема планина и ја исполни це­лата земја.

36Ете, тоа е сонот, а сега да кажам пред царот и што означува тој.

37Ти царе, цар над царевите, кому небесниот Бог му подарил царства, власт сила и слава,

38и во рацете твои ти ги предал сите човечки синови, каде и да живеат тие, сите ѕверови земни и птици небески и те поставил за господар над сите нив, — ти си таа златна глава.

39По тебе ќе се крене друго царство, послабо од твоето, а и трето царство, бакарно, ќе владее над целата земја.

40А четвртото царство ќе биде цврсто како железо; зашто како што железото троши и дроби сѐ, така и тоа ќе дроби и ќе уништува.

41А тоа што си ги видел — нозете и прстите на нозете направени делумно од грнчарска глина и делумно од же­лезо, тоа царство ќе биде разделено и во него ќе остане само нешто од цврстината на железото, бидејќи си видел желе­зо, измешано со грнчарска глина.

42И како што прстите на нозете беа делумно од железо, а делумно од глина, така и царството ќе биде делум силно, а делум слабо.

43А она, пак, што си видел железо, измешано со грнчарска глина, тоа зна­чи дека царевите на тоа царство ќе се обидат да се соединат преку мешани бракови меѓу себе, но нема да се слеат едно со друго, како што железото не се меша со глината.

44И во деновите на тие царства не­бесниот Бог ќе подигне царство кое нема да се разруши никогаш, а тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно.

45Како што виде еден камен сам падна од планината и го раздроби железото, бакарот, глината, среброто и златото. Великиот Бог му даде на царот да разбере што ќе се случи во иднина. И верен е тој сон и точно е неговото толкување!“

46Тогаш царот Навуходоносор падна ничкум и се поклони пред Даниел, па заповеда да му донесат дарови и благопријатни кадива;

47и му рече царот на Даниел: „Навистина вашиот Бог е Бог над бого­вите и Господар на царевите, Кој от­крива тајни, штом ти можеше да ја откриеш оваа тајна!“

48Тогаш царот го возвиши Даниел, му даде многу големи дарови и го постави над целата област вавилонска, како главен началник над сите вавилонски советници.

49На молба на Даниел, царот ги пос­тави Седрах, Мисах и Авденаго над работите од земјата вавилонска, а Дани­ел остана во царскиот двор.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>