Даниел 4:1-34 MKDB2006 - Bible AI

1„Јас, Навуходоносор, бев спокоен во својот дом и живеев во изобилие и задоволство поради моите достигања.

2Но видов сон што ме уплаши и виденијата ме смутија.

3Па дадов заповед да ги доведат кај мене сите советници вавилонски за да ми кажат што означува сонот.

4Тогаш дојдоа јасновидците, маѓес­ниците, волшебниците и гледачите и јас им го кажав сонот, но тие не можеа да ми објаснат што значи.

5Последен влезе кај мене Даниел, чие име беше Валтазар — според името на мојот бог, и во кого е духот на Бога Светецот; нему му го кажав сонот.

6Валтазаре, глава на мудреците, знам дека е во тебе духот на Бога Светецот и дека никаква тајна тебе не ти претставува тешкотија; објасни ми го видението на мојот сон што го видов и што значи.

7А виденијата на мојата глава врз леглото мое беа вакви: видов, ете, во средината на земјата дрво многу високо.

8Дрвото порасна и се зацврсти, а височината негова достигаше до небото, и се гледаше од сите краишта на целата земја.

9Лисјата негови — многу убави, и пло­довите на него — многубројни, и храна на него имаше за сите; под него наоѓаа сенка ѕверовите полски, а по гранките негови си правеа гнезда птиците небе­ски и од него се хранеше секое суште­ство.

10И додека размислував за виденијата врз леглото мое, ете, од небесата слезе ангел, буден како стражар.

11Откако извика високо, тој рече: ‚Исечете го тоа дрво, искастрете ги гранките негови, истресете ги лисјата од него и расфрлете ги плодовите него­ви; нека избегаат ѕверовите од под него и птиците од под гранките негови;

12но коренот оставете го во земјата, со вериги железни и бакарни околу не­го, меѓу полската трева врз него нека паѓа росата небеска и со животните нека се дружи.

13Срцето човечко ќе му се одземе и ќе му се даде срце ѕверско и така ќе мине седум години.

14По заповед на будните како стра­жари ангели така е определено за да знаат живите дека Севишниот владее над човечките царства и ги дава кому сака и ги поставува над нив најпони­з­ните луѓе!‘

15Таков сон видов јас, царот Навухо­доносор; а ти Валтазаре, кажи што оз­начува сонот, бидејќи никој од мудреците во моето царство не може да објасни што значи тој, а ти можеш, зашто во тебе е духот на Бога Светецот.“

16Тогаш Даниел, наречен Валтазар, остана занесен околу еден час и мислите негови му беа збркани. Царот прв почна да зборува и рече: „Валтазаре, да не те вознемирува овој сон и значењето негово.“ Валтазар одговори и рече: „Господаре мој, овој сон нека биде за твоите завидливци, а значењето негово за твоите непријатели.

17Дрвото што си го видел кое беше големо и цврсто, и со височината достигало до небесата и се гледало по целата земја,

18на кое имало прекрасни лисја и многу плодови и храна за сите, под кое живееле полски ѕверови и во чии гранки виеле гнезда птици небески,

19тоа си ти царе што си се возвеличил и укрепил, и величието твое пораснало и достигнало до небесата, а власта твоја — до краиштата на земјата.

20А тоа што царот го видел ангелот буден како стражар, кој слегнал од небесата и рекол: — исечете го дрвото и уништете го, но главниот корен оставе­те го во земјата во вериги железни и бакарни меѓу полската трева; да го наквасува небеската роса и да биде заедно со полските ѕверови, додека не изминат над него седумте години,

21еве што значи тоа царе, и ова е решението на Севишниот што ќе го постигне мојот господар царот:

22тебе ќе те одведат од луѓето и ти ќе живееш со ѕверовите полски, со трева ќе те хранат како вол, небеска роса ќе те наквасува и седумте години ќе минат преку тебе, сѐ додека не разбереш дека Севишниот владее над човечките цар­ства и ги дава кому сака.

23А тоа што е заповедано да остане главниот корен на дрвото, тоа значи дека твоето царство ќе ти биде вратено, кога ќе разбереш дека Бог владее со целиот свет.

24Затоа, царе, нека ти биде благоугоден мојот совет: искупи се за гревовите свои со правда, и за беззаконијата твои — со милосрдие спрема бедните; ете со тоа може да се продолжи твојот напредок.“

25Сето тоа се збидна со царот Наву­ходоносор.

26Откако минаа дванаесет месеци, одејќи по царските дворци во Вавилон,

27царот рече: „Зар не е величествен овој Вавилон, што го изградив како дом на царството со силата на мојата моќ и за слава на моето величие?!“

28Уште му беа зборовите во устата на царот, а од небото се чу глас: „За тебе зборуваат, царе Навуходоносоре — цар­ството ќе ти се одземе!

29И ќе те одвојат од луѓето, па ќе живееш со полските ѕверови; со трева ќе те хранат како вол и седум години ќе минат преку тебе сѐ додека не узнаеш дека Севишниот владее над човечките царства и дека ги дава кому сака Тој.“

30Веднаш се исполни тој збор над Навуходоносор, и тој беше прогонет од луѓето, јадеше трева како вол и телото негово го наквасуваше росата небеска, така што влакната му израснаа како кај орел и ноктите му беа како канџи кај птиците.

31„Но, откако се изврши тоа во оние дни, јас, Навуходоносор, ги кренав очите кон небото и разумот се врати во мене, па Го благословив Севишниот, Го восфалив и Го прославив вечно Живи­от, чие владение е вечно и чие царство е од род во род.

32И сите што живеат на земјата ниш­то не значат; Тој дејствува според Својата волја како во небесната војска, така исто и меѓу живите на земјата и нема никој што би можел да се противи на раката Негова и да му рече: што правиш?

33Во тоа време разумот се поврати во мене и славата на моето царство ми се поврати со величината и поранешниот вид: тогаш ме побараа советниците мои, великодостоинствениците мои, и јас бев повторно издигнат на царствово свое, и величието мое уште повеќе се издигна.

34Сега јас, Навуходоносор, Му од­давам слава и Го величам Небесниот Цар, Чии сите дела се вистински и па­тиштата Негови праведни и Кој има моќ да ги понизни горделивите.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>