Даниел 6:1-29 MKDB2006 - Bible AI

1А Дариј Мидиецот кој тогаш беше на шеесет и две години, го презеде царството.

2Дариј реши во своето царство да постави сто и дваесет гувернери за да бидат управители во целото царство.

3А над нив тројца кнезови, од кои еден беше Даниел — на кого гувернерите ќе му даваат сметка, за да не му досадуваат на царот.

4Даниел ги надминуваше другите кнезови и гувернери, бидејќи во него имаше висок дух, и царот веќе се мислеше да го постави над целото царство.

5Тогаш кнезовите и гувернерите се договорија да го обвинат Даниел во управувањето со царството, но никако не можеа да најдат повод, ниту пак грешка, бидејќи тој беше верен и не­маше никаква грешка ни вина.

6Но тие луѓе рекоа: „Нема да најдеме причина против Даниел, ако не најдеме против него нешто во законот на неговиот Бог.“

7Тогаш тие кнезови и гувернери отидоа кај царот и му рекоа вака: „Царе Дариј, жив да си довека!

8Сите кнезови во царството, намесниците, гувернерите, советниците и воените началници се согласија помеѓу себе да се издаде царска наредба и да се објави заповед: секој што во текот на триесет дена ќе се моли на кој и да било бог или човек, освен на тебе, царе, него да го фрлат во лавовска јама.

9И така, утврди го царе тоа решение и потпиши ја наредбата за да биде неотповиклива како непроменлив закон мидиски и персиски.“

10Царот Дариј го потпиша решението и заповедта.

11А Даниел, штом разбра дека е пот­пишана таква повелба, отиде во домот свој. Прозорците на неговата дворна соба му беа отворени кон Ерусалим, тој трипати во текот на денот ги приклонуваше колената свои и Му се молеше на својот Бог и Го славеше, како што го правеше тоа и порано.

12Тогаш тие луѓе, демнејќи го, го најдоа Даниел дека се моли и Го призовува својот Бог;

13потоа отидоа и му кажаа на царот за царската заповед: „Нели ти потпиша повелба дека секој човек, кој во текот на триесет дена ќе му се моли на кој и да било бог или човек, освен на тебе, царе, да биде фрлен во лавовска јама?“ Царот одговори и рече: „Тој збор е цврст како и законот на Мидијците и Персијците, што не допушта измени.“

14Тогаш тие одговорија и му рекоа на царот: „Даниел, кој е од заробените синови од Јудеја, не обрнува внимание ни на тебе, царе, ниту на повелбата што си ја потпишал, туку по трипати на ден се моли со свои молитви.“

15Царот кога го чу тоа, многу се за­грижи и си стави при срце да го спаси Даниел и дури до зајдисонце многу размислуваше како да го избави.

16Но оние луѓе дојдоа кај царот и му рекоа: „Царе, ти знаеш дека според законот на Мидијците и Персијците ни­едно решение или заповед, потврдено од царот не може да се измени.“

17Тогаш царот заповеда, и го доведоа Даниел, па го фрлија во лавовската јама; па царот му рече на Даниел: „Твојот Бог, Кому без престан Му слу­жиш, Тој нека те избави!“

18Па донесоа камен, го ставија врз отворот на јамата, и царот го запечати со својот прстен и со прстењата на ве­ликодостојниците свои, за да не се изме­ни ништо по однос на Даниел.

19Потоа царот си отиде во својот двор, легна да спие без вечера, па дури и порача да не му доаѓаат конкубините, но сонот бегаше од него.

20А утредента царот стана во зори и брзо се упати кон лавовската јама;

21и кога се приближи до јамата, со нажален глас го повика Даниел и му рече: „Даниеле, слуго на живиот Бог! Твојот Бог, Кому без прекин Му слу­жиш, можеше ли да те избави од лаво­вите?“

22Тогаш Даниел му одговори на царот: „Царе, да си жив довека!

23Мојот Бог го испрати својот ангел и им ја затвори устата на лавовите, така што тие не ме повредија, зашто јас излегов пред Него чист, па и пред тебе, царе, не сум извршил никаков престап.“

24Тогаш царот многу се зарадува за Даниел и заповеда да го извадат од јамата; го извадија Даниел од јамата, и никаква повреда не се забележа на него, зашто тој веруваше во својот Бог.

25Царот заповеда, па ги доведоа оние луѓе, што го беа обвиниле Даниел, и ги фрли во лавовската јама, како нив самите, така и децата нивни и жените нивни и уште не беа стигнале до дното на јамата, лавовите ги беа зграбиле и им ги беа здробиле сите нивни коски.

26Потоа царот Дариј им напиша на сите народи, племиња и јазици кои живееја по целата земја: „Мирот да ви се умножи!

27Издавам повелба во секоја област на царството мое да треперат и да се плашат пред Даниеловиот Бог, зашто Тој е Бог жив и вечно живее, а царството Негово е непобедливо, и Неговото владение е бескрајно.

28Тој избавува и спасува, прави чуде­са и знаци по небото и земјата; Тој го избави Даниел од шепите на лавовите.“

29И така Даниел живееше добро и за време на царувањето на Дариј, а и во времето кога царуваше Кир Персиски.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>