1ⓐВо првата година на Валтазар, вавилонскиот цар, Даниел виде сон пророчки и виденија во главата своја врз своето легло. Тогаш тој го запиша тој сон, откако го забележа главното.
2ⓑВелеше вака: Видов во ноќното свое видение, а таму, четири небесни ветра го брануваа Големото Море,
3ⓒи четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот.
4ⓓПрвиот беше како лав, но со крилја орлови: додека гледав, му ги искубаа крилјата и потоа беше кренат од земјата, се исправи на нозете како човек и му се даде човечко срце.
5ⓔИ ете, уште еден ѕвер, втор, сличен на мечка, стоеше од едната страна и имаше три ребра во устата негова, меѓу забите; нему му беше речено ова: стани и јади многу месо!
6ⓕПотоа видов, пак, уште еден ѕвер, како леопард: на грбот имаше четири крилја од птица, и четири глави имаше тој ѕвер, и му беше дадена власт.
7ⓖПотоа видов од ноќните виденија и ете, четврти ѕвер, страшен и ужасен и многу силен; имаше големи железни заби; тој јадеше и здробуваше, а остатоците ги газеше со нозете; тој се разликуваше од сите претходни ѕверови, и имаше десет рогови.
8ⓗГи гледав тие рогови, и ете, меѓу нив се појави уште еден мал рог, а три од првите рогови беа од корен истргнати пред него; на тој рог имаше очи, како човечки очи, и уста што горделиво се фали.
9ⓘВидов најпосле дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, со тркала како оган што пламти.
10ⓙРека огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија.
11ⓚТогаш видов дека за искажаните горди зборови, што рогот ги говореше, ѕверот беше убиен пред очите мои и телото негово смачкано и предадено на оган за да изгори.
12И од другите ѕверови власта беше одземена и животот нивни се продолжи само до извесно време и до рок.
13ⓛВидов во ноќните виденија, а тоа на небесните облаци како да идеше Синот Човечки, дојде до Старецот и застана пред Него.
14ⓜИ Нему Му се даде власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици; владението Негово е владение вечно, кое нема да измине, и царството Негово нема да се разруши.
15ⓝДухот мој затрепери во мене, Даниел, во телото мое и виденијата ме вознемирија.
16ⓞСе приближив до еден од оние што стоеја напред и го прашав за вистинското значење на сето тоа, и тој почна да зборува со мене и ми ја објасни смислата на реченото:
17Овие големи ѕверови, четири на број, означуваат дека четири царства ќе се издигнат од земјата.
18ⓟПотоа, светиите на Севишниот ќе го земат царството и ќе владеат со него во векови.
19Тогаш замолив точно објаснување за четвртиот ѕвер што се разликуваше од сите и кој беше многу страшен, со железни заби и бронзени нокти изедуваше и трошеше, а остатоците ги газеше со нозете,
20ⓠи за десетте рогови што беа на неговата глава и за другиот што се појави, пред кој паднаа трите, за оној ист рог, на кој имаше очи и уста што зборуваа горделиво и како да стана поголем од другите.
21ⓡВидов како тој рог водеше борба со светиите и ги надвиваше,
22ⓢдодека најпосле не дојде Старецот по определени дни и судот беше даден на светиите од Севишниот, па настапи време светиите да го завладеат царството.
23ⓣОсвен тоа тој рече: Четвртиот ѕвер го означува четвртото царство што ќе постои на земјата, различно од сите царства и што ќе ја голтне целата земја, ќе ја гази и ќе ја измачува.
24ⓤА десетте рогови значат дека од тоа царство ќе се кренат десет цареви и потоа ќе се појави друг, поинаков од поранешните и ќе ги покори трите цара.
25ⓥИ против Севишниот ќе зборува и ќе ги угнетува светиите на Севишниот; дури ќе си помисли да ги измени празниците нивни и закони, па тие ќе бидат предадени во раката негова за време од три и пол години.
26ⓦПотоа небесниот Суд ќе ја одземе од него власта и сосема ќе го уништи и докрајчи,
27ⓧа царството и власта и царското величие по целиот поднебесен свод ќе му се даде на народот од светиите на Севишниот, чие царство е царство вечно и сите великодостојници ќе Му служат и ќе Му се покоруваат Нему.
28ⓨТука е крајот на овој извештај. Мене, Даниел, силно ме вознемирија размислувањата мои, и лицето ми пребледе, но словото го запазив во срцето свое.