1ⓐПрвата книга, Теофиле, ја напишав за сѐ она што Исус го правеше и поучуваше, од почетокот,
2ⓑпа сѐ до денот кога се вознесе, откако преку Светиот Дух им даде заповеди на апостолите што беше ги избрал.
3ⓒНим по Своето страдање им се претстави жив, со многу верни докази, јавувајќи им се четириесет дни и зборувајќи им за царството Божјо.
4ⓓЕднаш кога ги собра, Тој им заповеда: „Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот што сте го слушале од Мене:
5ⓔЈован крштаваше со вода, а вие, не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух.“
6А тие, кои беа собрани, Го прашаа велејќи: „Во ова време ли Ти ќе го востановиш, Господи, царството Израелово?“
7И Тој им одговори: „Не е ваше да ги знаете времињата или часот што Отецот ги поставил во Своја власт;
8но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сѐ до крајот на земјата.“
9ⓕИ штом го рече тоа, додека тие Го гледаа Тој се подигна, и облак Го подзеде од пред очите нивни.
10ⓖИ како што гледаа кон небото додека Тој се вознесуваше, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека,
11ⓗи рекоа: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото.“
12Тогаш тие се вратија во Ерусалим од планината, наречена Маслинова[1], која се наоѓа близу до Ерусалим, колку еден саботен ден одење[2].
13ⓘИ кога дојдоа, се искачија во горната одаја, каде што престојуваа Петар и Јаков, Јован и Андреј, Филип и Тома, Вартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот и Јуда Јаковов.
14ⓙТие сите еднодушно беа постојано во молитва и молење заедно со некои жени и со Марија, мајката на Исус, и со браќата Негови.
15И во тие дни Петар стана меѓу браќата (а беа се собрале околу сто и дваесет души) и рече:
16„Мажи браќа! Требаше да се исполни напишаното што го беше претскажал Светиот Дух преку устата Давидова за Јуда, водачот на оние што Го фатија Исус,
17ⓚзашто тој беше вброен меѓу нас и беше примил дел од оваа служба;
18ⓛно со неправедна награда тој стекна нива и, откако падна ничкум, прсна по средината, и се истури целата негова утроба.
19ⓜИ тоа им стана познато на сите жители во Ерусалим дека таа нива се нарече на нивниот јазик Акелдама, што значи ‚крвна нива‘.
20ⓝЗашто во книгата на Псалмите е напишано: ‚Домот негов да запусти и никој во него да не живее, епископството негово друг да го прими.‘
21И така, еден од оние луѓе што беа со нас за сето време, откако дојде и си замина од нас Господ Исус,
22почнувајќи од крштавањето Јованово па до денот кога се вознесе од нас, треба да биде сведок со нас за Неговото воскресение.“
23И поставија двајца: Јосиф, наречен Варнава, а по прекар Јуст, и Матиј;
24ⓞпотоа се помолија и рекоа: „Ти, Господи, Кој ги познаваш срцата на сите, покажи од овие двајца еден, кого си го избрал,
25ⓟза да прими дел од оваа служба и од апостолството од кое отпадна Јуда за да си отиде на своето место.“
26И фрлија ждрепка за нив, и ждрепката падна на Матиј; и тој се вброи кон единаесетте апостоли.