Дела 2:1-47 MKDB2006 - Bible AI

1Кога дојде денот Педесетница, сите апостоли беа заедно и на исто мес­то.

2Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа.

3И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно.

4И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат.

5Тогаш во Ерусалим имаше Јудејци, побожни луѓе, од секој народ под не­бо­то.

6Кога се создаде тој екот, народот кој се насобра многу се збуни, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот сопствен јазик.

7И сите вџашени и восхитени, гово­реа: „Овие што зборуваат, зар не се сите Галилејци?

8Па како тогаш слушаме како секој од нив зборува на нашиот мајчин јазик?

9Парти, Мидијци, Еламити и жи­те­лите од Месопотамија, Јудеја и Ка­па­до­кија, од Понт и Азија,

10Фригија, Памфилија, од Египет и од краиштата на Либија покрај Киринеја, па и привремено дојдените Римјани.

11Како ние Јудејците, така исто и придојдените, Критјани и Арапи, еве слушаме како тие зборуваат за го­лемите дела Божји на нашите јазици?“

12Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?“

13А други, потсмевајќи се, велеа: „Се напиле со слатко вино!“

14Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Еру­салим, знајте го ова и внимателно слуш­нете ги моите зборови;

15овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час[3] од денот:

16но ова е претскажаното преку пророкот Јоил:

17‚И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќер­ки­те ваши, и младичите ваши ќе имаат ви­денија и старците ваши ќе сонуваат со­ништа.

18И во тие дни, врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат.

19И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата — крв, и оган, и чад.

20Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Госпо­дов.

21И тогаш, секој што ќе го повика името Господово, ќе се спаси.‘

22Луѓе Израелци, слушнете ги овие зборови: Исус од Назарет, Човекот пос­ведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, кои, како што и сами знаете, ги направи Бог преку Него,

23предаден по определениот Божји план и предзнаење, вие Го фативте, Го распнавте со рацете на беззакониците и Го убивте.

24Но Бог Го воскресна, откако Го ос­лободи од смртните маки, бидејќи смртта немаше сила да Го задржи.

25Зашто Давид за Него вели: ‚Секо­гаш Го гледав Господ пред себе. Тој е од мојата десна страна, за да не се поместам.

26Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж;

27зашто Ти нема да ја оставиш ду­ша­та моја во Адот, ниту, пак, ќе дозволиш Твојот праведник да види распаѓање.

28Ти си ми ги покажал патиштата на животот; Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.‘

29Мажи браќа, нека ми е дозволено да ви зборувам слободно за прататкото Давид, дека тој умре и беше погребан, а гробот негов е меѓу нас сѐ до де­неш­ниов ден.

30Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог му беше ветил со заклетва де­ка ќе постави некој од плодот на него­вите бедра на престолот Свој,

31предвиде и кажа за воскресението на Христос дека нема да биде оставен во Адот и дека телото Негово нема да види распаѓање.

32Овој Исус Го воскресна Бог. За тоа сме ние сите сведоци.

33И затоа, Тој, откако беше воздигнат со десницата Божја и Го прими од Оте­цот ветувањето на Светиот Дух сега Го излеа. Тоа е она што го гледате сега вие и го слушате.

34Зашто Давид не отиде на небесата, но самиот кажа: ‚Му рече Господ на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна,

35додека не ги поставам непријате­ли­те Твои во подножјето на нозете Твои.‘

36И затоа, нека знае со сигурност си­от Израелов дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Гос­под и Христос.“

37Кога го слушнаа тоа, им се растре­перија срцата, и му рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе браќа, што да правиме?“

38А Петар им рече: „Покајте се и се­кој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и тогаш ќе примите дар од Светиот Дух.

39Зашто вам ви припаѓа она ветување и на вашите деца и на сите што се дале­ку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.“

40И со многу други зборови све­до­че­ше и ги молеше, велејќи: „Спасувајте се од овој пакостен род!“

41И така оние што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се при­соединија во тој ден околу три илјади души.

42И беа истрајни во учењето на апостолите, во заедничкиот живот, во пре­кршувањето на лебот и во молитвите.

43И страв ја обзеде секоја душа, заш­то многу чудеса и знаци се вршеа преку апостолите.

44А сите што веруваа, беа заедно и сѐ им беше заедничко;

45продаваа имоти и сопствености и на секого му раздаваа колку што му беше потребно.

46И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, прекршувајќи леб по ку­ќи­те, се хранеа со радост и со чисто срце.

47Го фалеа Бога и стекнуваа благонаклонетост кај сите луѓе. А Господ секој ден ги придодаваше спасените кон нивното мноштво.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>