Дела 7:1-60 MKDB2006 - Bible AI

1Тогаш првосвештеникот рече: „Така ли е тоа?“

2А тој одговори: „Луѓе браќа и тат­ковци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраам, кога беше во Месопотамија, уште пред да се пресели во Харан,

3и му рече: ‚Излези од твојата земја, од твојот род и од домот на татко ти, па појди во земјата што ќе ти ја покажам.‘

4Тогаш тој излезе од земјата Хал­деј­ска и се насели во Харан, а оттаму, по смртта на неговиот татко, Бог го пресели во оваа земја, каде што живеете вие сега.

5И во неа не му даде наследство ниту една стапка земја, но вети дека ќе му ја даде на потомството негово и нему во посед, иако уште немаше челад.

6И му рече Бог вака: ‚Потомците твои ќе бидат населени во туѓа земја и ќе бидат поробени и мачени четиристотини години.

7Но јас ќе му судам на оној народ, под чие ропство ќе бидат; а потоа тие ќе излезат и ќе Ми служат на ова мес­то‘.

8И му го даде заветот за обрезание. Потоа на Авраам му се роди Исак и тој го обреза на осмиот ден; а Исак го роди Јакова, Јаков, пак, дванаесетте патријарси.

9Патријарсите беа завидливи кон Јо­сиф и го продадоа во Египет; но Бог бе­ше со него,

10и го избави од сите негови маки и го дарува со благодат и мудрост пред фа­раонот, египетскиот цар, кој го постави и за началник над Египет и над целиот свој дом.

11Тогаш настана глад и голема мака по целата земја египетска и хананска, и нашите татковци не наоѓаа храна.

12А Јаков, кога чу дека во Египет има пченица, ги прати таму по прв пат тат­ковците наши.

13И кога отидоа по вторпат, Јосиф им се откри на браќата и фараонот го запозна родот на Јосиф.

14Тогаш Јосиф прати гласници да го повикаат татко му Јаков и сиот свој род — седумдесет и пет души.

15И така Јаков слезе во Египет, и та­му умре тој и татковците наши;

16и ги пренесоа во Сихем, и ги по­ло­жија во гробот, што во Сихем го беше купил за сребро Авраам од синовите на Емор.

17Но како што наближуваше времето за исполнување на ветувањето, за кое Бог му се заколна на Авраам, во Египет се зголемуваше и се намножуваше бројот на луѓето,

18сѐ додека во Египет не дојде друг цар кој не го познаваше Јосиф.

19Тој лукаво постапи со нашиот на­род, ги мачеше татковците наши, при­силувајќи ги своите новороденчиња да ги оставаат за да не останат живи.

20Во тоа време се роди и Мојсеј, кој Му беше на Бога мил. Три месеци беше хранет во куќата на својот татко.

21А кога беше оставен, него го приб­ра фараоновата ќерка и го одгледа ка­ко свој син.

22И ја научи Мојсеј целата мудрост египетска и беше силен во зборови и во дела.

23А кога навршуваше четириесет го­дини, нему му дојде на ум да ги посети браќата свои, синовите Израелови.

24И кога виде дека еден од нив го на­вредуваа, го заштити; одмаздувајќи се за измачуваниот, го уби Египќанецот.

25Тој мислеше дека браќата негови ќе согледаат дека Бог преку неговата рака ќе им даде спасение, но тие не сфатија.

26А на другиот ден, кога некои од нив се тепаа, тој дојде кај нив и ги советуваше да се смират, велејќи: ‚Луѓе, вие сте браќа; зошто се навредувате меѓу себе?‘

27Но оној што го навредуваше својот ближен, го одби од себе и му рече: ‚Кој те поставил да бидеш началник и судија над нас?

28Или, пак, и мене сакаш да ме уби­еш, како што вчера го уби Егип­ќа­не­цот?‘

29Од тие зборови Мојсеј побегна и се насели како туѓинец во земјата мидјанска, каде што му се родија два сина.

30И кога поминаа четириесет години, му се јави ангел Господов во пустината на Синајската Гора, во огнен пламен во една капина.

31Мојсеј штом виде, се зачуди од тоа видение; и кога се приближи да погледа внимателно, пристигна до него гласот Господов:

32‚Јас сум Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јако­вов.‘ Мојсеј се стресе и не смееше да погледа.

33А Господ му рече: ‚Собуј си ги обув­ките од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја!

34Јас ги видов добро маките на Мојот народ што е во Египет и го слушнав не­говото воздивнување; па слегов да го избавам; а сега пријди да те пратам во Египет!‘

35Тој, Мојсеј, кого го беа одбиле, ве­лејќи: ‚Кој те поставил за началник и судија‘, него Бог преку ангелот, кој му се јави во капината, го прати за на­чал­ник и избавител.

36Тој ги изведе, правејќи чудеса и зна­ци во земјата египетска и во Црвеното Море и во пустината во тек на чети­ри­есет години.

37Тоа е оној Мојсеј што беше им ре­кол на синовите Израелови: ‚Господ, Бог ваш, меѓу браќата ваши ќе ви из­дигне Пророк како мене[7]‘.

38Тоа е оној што на собирот во пустината на Планината Синајска беше со ангелот кој му зборуваше, и со тат­ков­ците наши; оној што прими животворни зборови нам да ни ги предаде,

39и кому нашите татковци не сакаа да му се покорат, туку го отфрлија со ср­цата свои и се свртеа кон Египет,

40велејќи му на Арон: ‚Направи ни богови што ќе одат пред нас; зашто не знаеме што му стана на оној Мојсеј кој нѐ изведе од египетската земја.‘

41И во оние дни направија лик на те­ле, и му принесоа жртви на идолот и се веселеа пред делото на своите раце.

42А Бог се одврати од нив и ги остави да му служат на воинството небесно, како што е напишано во Книгата на пророците: ‚Доме Израелов, Ми принесовте ли вие заклани животни и жртви во текот на четириесетте години во пустината?

43Вие го прифативте шаторот на Мо­лох и ѕвездата на вашиот бог Ремфан, идоли што ги направивте вие за да им се поклонувате: и Јас ќе ве преселам потаму од Вавилон.‘

44Нашите татковци имаа во пустината скинија на собранието, како што беше заповедал Оној Кој му зборуваше на Мојсеј да ја направи според образецот што го беше видел.

45Неа татковците наши ја примија и со Исус Навин ја внесоа во земјата на незнабошците, што Бог ги отфрлаше од лицето на татковците наши; а тоа се случуваше сѐ до времето на Давид,

46кој најде милост пред Бога, посака да Му најде живеалиште на Бог Јако­вов.

47А Соломон Му изгради дом,

48но Севишниот не живее во ракот­во­рени храмови, како што вели пророкот;

49‚Небото е Мојот престол, а земјата подножје на нозете Мои. Каков дом ќе ми направите, вели Господ, или кое мес­то е за Мојата почивка?

50Не го направи ли сето ова Мојата рака?‘

51Тврдоглави и необрезани по срцето и ушите! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух — како татковците ваши, така и вие.

52Кого од пророците не го гонеа ва­шите татковци? Тие ги убија оние што го предвестија доаѓањето на Правед­ни­кот, чии предавници и убијци станавте сега и вие,

53вие, што го примивте Законот преку ангелите, а не го одржавте.“

54Кога го слушаа ова, срцата им се исполнија со гнев и со забите крцкаа против него.

55А Стефан, исполнет со Дух Свети, кога погледна кон небото, ја виде славата Божја и Исус како стои од десната страна на Бога,

56и рече: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога.“

57Но тие извикаа со висок глас, ги затворија ушите свои и еднодушно се нафрлија на него.

58И откако го изведоа надвор од градот, почнаа на него да фрлаат камења: а сведоците ги оставија алиштата свои пред нозете на едно момче, по име Савле.

59И додека фрлаа камења врз Стефан, тој повикуваше и велеше: „Господи Исусе, прими го духот мој!“

60Потоа падна на колена, и извика со висок глас: „Господи, не примај им го ова за грев!“ И штом го рече тоа, почина.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>