Евреите 9:1-28 MKDB2006 - Bible AI

1Така и во првиот завет имаше уредби за богослужение и земно свети­лиште;

2зашто скинијата беше направена вака: во првиот дел се наоѓаа светилникот, трпезата и изложените лебови; тој дел е наречен „Свето Место.“

3А зад втората завеса од скинијата беше делот, наречен „Светиња над све­тињите“;

4во неа се наоѓаше златната кадилница и од сите страни опкован со злато ковчегот на заветот, во кој стоеја златниот сад со мана и расцутениот жезол на Арон, како и плочите на заветот,

5а над него — херувими на славата, што го осенуваа чистилиштето; за ова сега нема потреба да се зборува по­оп­ширно.

6При ваков распоред, во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свеш­те­ниците и извршуваа служба Божја;

7а во вториот дел влегуваше по ед­наш во годината првосвештеникот и тоа не без крв, што ја принесуваше како жртва за себе и за гревовите на народот, направени поради незнаење.

8Преку ова Светиот Дух покажуваше дека сѐ уште не е отворен патот за све­тилиштето сѐ додека стои првата ски­нија,

9која е симбол на сегашното време, во кое се принесуваат дарови и жртви, кои не можат да го направат совршен по совеста оној што служи,

10туку се состојат само од јадења и пиења, и разни миења и телесни обреди, установени до времето кога сето ова ќе се исправи.

11Но Христос, кога стана Прво­свеш­теник на идните добра, со поголемо и со посовршено светилиште, нера­ко­тво­ре­но, односно не онакво какво што се пра­ви на земјата,

12ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето ед­наш засекогаш и изврши вечен откуп.

13Зашто, ако крвта на јунче и јарец, и пепелта од јуница преку попрскување ги осветуваат осквернетите за очистување на телото,

14тогаш, колку ли повеќе крвта на Христос, Кој преку Светиот Дух се принесе Себе на Бога непорочен, ќе ја очисти совеста наша од мртви дела за да Му служиме на живиот Бог.

15Затоа е Тој посредник на новиот за­вет, та по Неговата смрт, што стана за откуп на престапите од времето на пр­виот завет, призваните да го добијат ветеното вечно наследство.

16Зашто, каде што има завет, таму е неопходно да следува смртта на заветувачот,

17бидејќи заветот добива сила само по смртта; тој нема никаква сила додека заветувачот е жив.

18Поради тоа ни првиот завет не беше утврден без крв.

19Зашто Мојсеј, откако ги прочита сите заповеди од Законот пред сиот на­род, зеде крв телешка и јарешка со во­да, и со црвена волна и со исоп ја по­ро­си како самата книга, така и сиот народ,

20велејќи: „Ова е крвта на заветот што ви го одреди Бог.“

21Исто така со крв ги попрска и све­тилиштето и сите садови за служење на Бога.

22И речиси сѐ според Законот со крв се очистуваше, и без пролевање крв не­ма проштевање.

23И така, образите небесни требаше да се очистат на таков начин, а самото небесно со подобри жртви од овие.

24Зашто Христос не влезе во ракот­во­рено светилиште, кое е само образец на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас;

25и не да се принесува Себе како жрт­ва повеќепати, како што првосвеш­те­ни­кот влегува во светилиштето секоја го­ди­на со туѓа крв.

26Инаку Тој би требало многупати да пострада од созданието на светот. А сега еднаш засекогаш, до крајот на вековите, се јави за да го однесе гревот, откако се принесе Сам Себе како жрт­ва.

27И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа — суд,

28така и Христос, откако еднаш се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги однесе гревовите на мнозина, вторпат ќе им се јави не веќе како жртва за грев на оние што Го очекуваат, туку за нивно спасение.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>