1ⓥКога настапи седмиот месец, и синовите Израелови веќе беа по градовите, народот се собра заедно во Ерусалим.
2ⓦТогаш Јешуа, синот на Јоседек, и неговите браќа по свештенство, и Зоровавел, синот на Салатиил, и браќата негови, започнаа да Му градат на Бог Израелов жртвеник за да принесуваат на него сепаленици, како што е запишано во законот на Мојсеј, човекот Божји.
3Го поставија жртвеникот врз основите негови, бидејќи се плашеа од соседните народи; и почнаа да принесуваат на него сепаленици на Господ, наутро и навечер.
4ⓧИ го празнуваа празникот Сеници, како што беше заповедано, а принесуваа и секојдневни жртви сепаленици во определен број како што беше определено за секој ден.
5ⓨПотоа редовно принесуваа сепаленици и во новомесечијата, и во сите празници, посветени на Господ, како и доброволни приноси на Господ од секој, кој сакаше.
6А од првиот ден на седмиот месец почнаа да Му принесуваат сепаленици на Господ. Но на Господовиот храм уште не му беа поставени темелите.
7ⓩИ почнаа да даваат пари на каменоделци и дрводелци, и јадење и пиење и масло на Сидонци и Тирци за да донесат кедрово дрво од Ливан по морето во Јафа, со дозвола од Кир, персискиот цар.
8ⓐНа втората година по доаѓањето во домот Господов во Ерусалим, на вториот месец, Зоровавел, синот на Салатиил, и Јешуа, синот на Јоседек, и другите нивни браќа, свештениците и левитите, и сите што беа дошле од пленство во Ерусалим, започнаа со работа и поставија левити од дваесет години и нагоре за да ја надгледуваат работата околу домот Господов.
9И Јешуа, синовите негови и браќата негови, Кадмиел и синовите негови — потомци Јудини — станаа како еден човек и ги надгледуваа работниците кај домот Господов, а исто така и синовите на Хенадад, левитите, нивните синови и нивните браќа.
10ⓑКога ѕидарите ги положија основите на храмот Господов, поставија свештеници, со одеждите нивни и со труби, и левити — синови Асафови — со кимвали, за да Го слават Господа по уставот на Давид, царот Израелов.
11ⓒИ почнаа да Го фалат и слават Господа, пеејќи: „Зашто е благ, зашто милоста Негова кон Израел е довека.“ И сиот народ воскликнуваше громогласно, славејќи Го Господа поради тоа што беа поставени темелите на Господовиот дом.
12ⓓМеѓутоа, мнозина од свештениците и левитите и старешините на родовите, старци, кои го беа виделе поранешниот храм, додека се градеше новиот храм пред очите нивни, плачеа гласно, а мнозина и подвикуваа силно од радост.
13ⓔИ народот не можеше да ги разликува радосните извици од плачот на народот, зашто народот викаше силно и гласот негов се слушаше на далеку.