Езекиел 12:1-28 MKDB2006 - Bible AI

1И дојде слово Господово до мене:

2„Сине човечки, ти живееш среде отстапнички дом: тие имаат очи да гле­даат, а не гледаат, имаат и уши да слушаат, но не слушаат; затоа што се тие дом отстапнички.

3А ти, сине човечки, приготви си сѐ што е потребно за преселување и сред бел ден пресели се пред очите нивни, пресели се од твоето место во друго место, пред очите нивни; можеби, тие ќе разберат, макар што се дом отстапнички.

4И работите твои изнеси ги како работи потребни за преселување, дење пред очите нивни, и сам излези вечерта пред очите нивни, како тие што излегуваат за преселување.

5Пред очите нивни пробиј си отвор во ѕидот и изнесувај низ него.

6Пред очите нивни земи го товарот свој на рамо, па во приквечерина изнеси го, подзатскриј го лицето свое, за да не ја видиш земјата; затоа што Јас те поставив за знак на домот Израелов.“

7И извршив како што ми беше запо­ведано; работите нужни за преселување ги изнесов дење, а вечерта прокопав со раката отвор во ѕидот и во темнината го изнесов товарот, и го кренав на рамо пред очите нивни.

8Утредента рано дојде слово Госпо­дово до мене:

9„Сине човечки, не му кажа ли ти на домот израелски, домот отстапнички — што правиш?“

10Кажи им — вака вели Господ Бог: „Тоа е предвесник за началникот на Ерусалим и за целиот дом израелски, кој е таму.“

11Кажи: „Јас сум знакот за вас; она што го правам јас, тоа ќе биде и со нив, при преселувањето, во ропство ќе отидат тие.

12А началникот, што е меѓу нив, во темнина, носејќи на рамо, ќе излезе. Ѕидот ќе го пробијат за да го изнесат низ него; тој ќе го сокрие лицето свое, така што со очите свои нема да ја гледа оваа земја.

13А Јас, ќе ја спрострам врз него Мојата мрежа, и тој ќе биде фатен во мојата примка, и ќе го одведам во Вави­лон, во земјата халдејска, но тој нема да ја види, и таму ќе умре.

14А сите што се околу него, неговите помошници, и сета војска ќе ја развеам по сите ветрови, и ќе го извадам мечот по нив.

15И ќе познаат тие дека Јас сум Господ, Оној Кој ги распрсна меѓу на­родите и ги развеа по земјите.

16Но еден мал број од нив Јас ќе го запазам од меч, глад и помор, за да им ги раскажуваат на народите, меѓу кои ќе отидат, сите гадотии; и ќе познаат дека Јас сум Господ.“

17И дојде слово Господово до мене:

18„Сине човечки, јади го лебот со трепет, и водата пиј ја со треперење и со мака.

19И кажи му на народот од оваа земја: вака вели Господ Бог за жите­лите на Ерусалим, за земјата израелска; тие ќе го јадат лебот со загриженост и водата ќе ја пијат со трепет, зашто по­ради неправдата на сите што живеат во неа, земјата ќе биде лишена од секакво изобилие.

20И ќе бидат разорени населените градови, и земјата ќе стане пуста, и ќе познаете дека Јас сум Господ.“

21И дојде слово Господово до мене:

22„Сине човечки, каква е таа пого­ворка кај вас во земјата израелска: ‚Деновите минуваат, а пророчките ви­денија не се извршуваат!‘“

23Затоа кажи им — вака вели Господ Бог: „Ќе ја уништам таа поговорка, и нема веќе тие да ја употребуваат таа поговорка во Израел; но, кажи им — блиски се деновите и извршувањето на секое пророчко видение.

24Зашто нема веќе да остане попусто ниедно пророчко видение, и ниедно предвестување нема да биде лажно во домот на Израел.

25Зашто Јас, Господ, го зборувам ова: и зборот, кој Јас го кажувам ќе се исполни, и нема да биде одложен; во ваши денови, доме отстапнички, реков збор, и ќе го исполнам“, вели Господ Бог.

26И дојде слово Господово до мене:

27„Сине човечки, ете, домот израел­ски вели: пророчкото видение, што го виде тој, ќе се изврши по многу денови и тој пророкуваше за далечни времиња.“

28Затоа кажи им: вака вели Господ Бог: „Ниеден Мој збор нема да биде одложен, но зборот, што ќе го кажам Јас, ќе се изврши,“ вели Господ Бог.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>