Езекиел 24:1-27 MKDB2006 - Bible AI

1И дојде слово Господово до мене во деветтата година, десеттиот месец, во десеттиот ден од месецот:

2„Сине човечки, запиши го името на овој ден, на овој ист ден: во тој ист ден вавилонскиот цар ќе настапи против Ерусалим.

3Изречи пророштво против отстапничкиот дом и кажи им — вака вели Господ Бог: Стави котел, стави и наполни го со вода;

4стави во него парчиња месо, сите парчиња да бидат најдобри, колкови и плешки и наполни го со одбрани коски;

5земи одбрани овци и стави под нив коски и вари ги додека и коските не се разварат во него.“

6Затоа вака вели Господ Бог: „Тешко му на крвничкиот град, тешко на ко­телот во кој има бигор и од кој бигорот не се вади; парче по парче исфрлајте од него; но ждрепка не фрлајте за него.

7Зашто крвта негова е во него; тој ја остави на гол камен; не ја проли врз земјата, каде што би можело да се по­к­рие со прав.

8За да предизвикам гнев за извр­шување на одмаздата, Јас ја оставив крвта на гол камен, за да не се покрие.“

9Затоа, така вели Господ Бог: „Теш­ко му на крвавиот град, и Јас ќе ставам голем оган;

10притури дрва, распали го огнот, развари го месото; сето тоа нека се згусти, а коските да се изгорат.

11И кога котелот ќе остане празен, стави го врз јаглен за да се вжешти и усвити го неговиот бакар, па нечистотијата негова да се стопи во него, и сиот бигор да исчезне.

12Трудот ќе биде тежок; но многуте бигори нема да се извадат од него; дури и во огнот од бигорот ќе остане во него.

13Во твојата нечистотија има таква гадотија, што колку и да те чистам, ти сѐ уште ќе останеш нечист; од твојата нечистотија ти и во иднина нема да се очистиш, сѐ додека не се исполни гне­вот Мој врз тебе.

14Јас, Господ, Јас го зборувам ова: тоа ќе дојде, Јас ќе извршам; нема да одменам, нема да поштедам и нема да се смилувам. Според твоите патишта и според твоите дела ќе ти судам“, вели Господ Бог.

15И дојде слово Господово до мене:

16„Сине човечки, еве, Јас преку поразот ќе ти ја земам утехата на твоите очи; но ти да не тажиш и не плачи и солзи не пролевај.

17Воздивнувај тивко, не оплакувај го умрениот; врзи си шамија и обувај ги нозете свои со твоите обувки, брадата не покривај ја и леб од туѓи луѓе не јади.“

18И, откако утрината му зборував на народот, вечерта умре жената моја и на вториот ден направив така, како што ми беше заповедано.

19И ми рече народот: „Нема ли да ни кажеш какво значење има за нас тоа што го правиш?“

20Им одговорив: до мене дојде слово Господово:

21„Кажи му на домот Израелов — така вели Господ Бог — еве, Јас ќе го пре­пуштам светилиштето Свое на поруга, потпора на силата ваша, утеха на очите ваши и радост на душите ваши, а ва­шите синови и вашите ќерки, што ги оставивте, ќе паднат од меч.

22И вие ќе го правите истото што го правев и Јас; брадата нема да ја сокривате и леб од туѓинци нема да јадете.

23И шамиите ваши ќе бидат на гла­вите ваши, и обувките ваши на нозете ваши; нема да тажите и да плачете, ту­ку ќе копнеете поради вашите гревови и ќе воздивнувате еден пред друг.

24А Езекиел ќе ви биде знак за сето тоа што тој го направи, и вие ќе го пра­вите тоа; и кога ќе се збидне тоа, ќе познаете дека Јас сум Господ Бог.

25А што се однесува до тебе, сине чо­вечки, во оној ден, кога ќе го земам од нив украсот на славата нивна, утехата на очите нивни, и радоста на душите нивни, синовите нивни и ќерките нивни,

26во тој ден ќе дојде кај тебе оној што се спасил оттаму за да те извести.

27Во тој ден пред бегалецот ќе ти се отвори устата твоја и ти ќе зборуваш и нема веќе да бидеш безгласен, а ќе станеш знак за нив и ќе познаат дека Јас сум Господ.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>